29/03/2024
Охрид

Градоначалникот Георгиески во работна посета на Словенија

Делегација на Општина Охрид предводена од Градоначалникот Константин Георгиески престојува во работна посета на Центарот за меѓународна соработка и развој (CMSR) во Љубљана, Словенија.

Во рамки на посетата, денеска беше остварен работен состанок со директорот на Центарот, Клемен Потишек и неговиот заменик Ема Роде. На средбата беше разговарано за можна идна соработка на заеднички проекти помеѓу општина Охрид и оваа организација, со посредство на Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Северна Македонија. На средбата беше договорено, претставници на Центарот за меѓународна соработка и развој во текот на наредниот месец да дојдат во посета на Општина Охрид.

Центарот за меѓународна соработка и развој е независна, истражувачка и советодавна организација во областа на меѓународните економски односи, поддржана од Словенечката банка за развој.

Центарот има 50 години искуство во спроведување на меѓународната развојна соработка и важи за добро воспоставен бренд помеѓу земјите од регионот на Југоисточна Европа. Располага со капацитети и големо искуство за реализација на технички и оперативни мерки при изработка и спроведување на најразличи инфраструктурни проекти.