Градоначалникот Ногачески со честитка за Денот на независноста на Република Македонија

Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија.

„Во мое лично име и во името на општина Дебрца, Ви го честитам 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија. Денот на кој, пред 27 години, ние граѓаните, одлучивме Република Македонија да биде независна држава, остварувајќи го со тоа сонот на илјадници Македонци и граѓани на Македонија, кои своите животи ги дадоа за градење сопствена држава.

Доколку пред 27 години сонот на тогашните генерации била независна Македонија, сонот на нашата генерација е да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија, економски стабилна и просперитетна држава, единствена, меѓународно признаена и почитувана. Овие цели, заедно со трасираниот пат кон ЕУ и НАТО се насоките кон кои се стремиме и за кои секојдневно треба да работиме.

Нека ни е честит и вековит Денот на независноста, големиот државен празник 8 Септември.“ – стои во честитката од градоначалникот Ногачески.