19/04/2024
Дебрца

Градоначалникот Ногачески во дводневна посета на Германија

На 28ми и 29ти ноември градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески беше во дводневна работна посета на градот Хановер, Сојузна Република Германија.

„Имав ретка можност да ја посетам фирмата Umwelttechnik & ingenieure GmbH ( www.uigmbh.de ) и да се сретнам со Извршниот Директор , Г-динот Манфред Шуберт ( Manfred Schubert ), дипломиран инжинер.

Umwelttechnik & ingenieure GmbH веќе 21 година ја презема одговорноста за животната средина и технологијата. Работните полиња на фирмата се планирање и расчистување на третман на отпад и постројки за отстранување на отпад, постројки за производство на електрична енергија и слично.

Досега има реализирано преку 860 мали и големи проекти, национални и меѓународни проекти.

Како консултантски инженери Umwelttechnik & ingenieure GmbH ја ужива довербата на приватните и јавните клиенти и ги насочува клиентите од идеја до конечното пуштање во работењето на постројките.

Со висококвалификуваните експерти, Umwelttechnik & ingenieure GmbH е способен брзо и ефикасно да ги реализира амбициозните идеи ( во прилог постирав неколку фотографии од современи фабрики за третман на отпад, изградени во градови во Германија, а проектирани од оваа фирма ).

Во еден и пол часовниот разговор со Г-динот Манфред, еден од врвните, не само германски, туку и светски експерти за енергетика разговаравме за проектот на Министерството за животна средина и просторно планирање за регионално управување со отпад во Југозападниот плански регион, запознавајќи го притоа со предложените решенија и технологија за третманот на комуналниот цврст отпад.

Г-динот Манфред истакна дека технологијата на механичко-биолошки третман , која ни се предлага е технологија од пред 30-40 години, која е напуштена и не одговара на денешните стандарди. Посебно ми потенцираше дека во денешно време е недозволиво ниту 1 % метан да оди во воздухот, а не 30 % како што е случајот при механичко-биолошкиот третман на отпадот.

Исто така, изрази неразбирање и за тоа зошто за констатираното количество на отпад од 56.000 т /годишно се предлага толку голема депонија, од околу 20-22 ха.

На мојата забелешка дека се предлага постројката да биде лоцирана во сливно подрачје на Охридското Езеро изненадувачки констатираше дека тоа е недозволиво и би претставувало, како што самиот рече “самоубиство”.

Исто така, разговаравме и за можностите за инвестиции во соларната енергија во општина Дебрца, а за што мојот домаќин пројави особен интерес.

Изразувајќи благодарност што одвои време да ме прими и останувајќи отворени за понатамошна соработка, Г-динот Манфред Шуберт го поканив да ја посети општина Дебрца, а кое со задоволство го прифати.“- вели градоначалникот Ногачески.