Градоначалникот Ногачески во посета на Годивско Поле

Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески денес беше во посета на Годивско Поле.

„Денес го посетив Годивското Поле, место лоцирано во срцето на Дебрца, место каде што некој наумил да гради регионална депонија.

Денес претставниците на Координативното тело против изградбата на депонија го ожнеаа она што есеноска го засеаа во Годивското Поле, токму на местото каде што се планира на 20-тина хектари земјоделско земјиште да се гради регионалната депонија.

Земјата родила, со што уште еднаш и симболички и фактички се побива тезата на оние кои ја изработија документацијата за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, според која “Годивското Поле е неплодно земјиште и најповолна локација за изградба на регионална депонија.”

Еве Ви уште еден доказ дека тоа не е така. Годивското Поле во неговите убави времиња, кога било полно со народ, било житница која дава храна за луѓето, а се покажа дека и денес и во иднина тоа пак ќе биде истото.

До сите оние кои заговарате регионалната депонија да се изгради во Дебрца,

Ви повторувам и преповторувам, Дебрца, е една од најчистите природни и екстремно богати културни оази во Република Македонија

Во ДЕБРЦА нема место за проекти од типот на регионални депонии

Туку напротив,

За Дебрца имаме сосема друга визија и високо благородна идеја, од Дебрца да создадеме високо рангирана природна, културна, археолошка, здравствена, рекреативна туристичка дестинација, зелена оаза, ораница за производство на органска храна и уникатно и самоодржливо место за живеење.

П.С. Средствата од продажбата на пченицата ќе бидат искористени за потребите на локалната заедница.“– напиша на својот ФБ профил, градоначалникот Ногачески.

This slideshow requires JavaScript.