28/03/2024
Охрид

Градоначалникот Стојаноски го отвори меѓународниот семинар за планирање на развојот на единиците на локалната самоуправа

Во рамки на програмата на Академијата за добро управување, градоначалникот Јован Стојаноски, денес, го отвори меѓународниот семинар за планирање на развојот на единиците на локалната самоуправа и управување со општинскиот имот.

„Дозволете ми најнапред во мое лично име и во името на градот Охрид, да ви посакам пријатен престој и успешна работа на овој исклучително важен семинар,кој ги третира темите за успешен развој на единиците на локалната самоуправа. Развојот на општините, како примарни единици на непосредно остварување и практикување на демократските права на граѓаните, е од исклучително значење за поширокиот развој на заедницата. Во таа насока, обмисленото и одржливо планирање е condition sine qua non за општините, не само за секојдневното функционирање на општината и успешно сервисирање на граѓаните, туку и поглед кон иднината и одговорност за генерациите кои доаѓаат после нас,“ – рече градоначалникот Стојаноски.

Семинарот е поддржан и организиран од германската политичка фондација Ханс Зајдел со седиште во Минхен, Баварија, бугарската асоцијација на општинските службеници од Софија и од меѓународната фондација Балкан Нет со седиште во Скопје.

Во текот на дводневниот семинар учесниците и предавачите од Бугарија и Македонија ќе разменат искуства и практики на темата „Стопанисување со општинскиот имот“ и ќе бидат презентирани примери за добро управување на локалната власт.