Градоначалникот Стојаноски со честитка по повод Националниот ден на Власите

Градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, испрати честитка до граѓаните од влашката етничка заедница во Р.македонија, по повод 23ти мај – Националниот ден на Власите.

„Почитувани сограѓани и припадници на влашката етничка заедница во Република Македонија,

Прославувањето на Националниот ден на Власите како празник, претставува симбол за почит кон Влашката култура и Влашкото малцинство што живее на овие простори. Влашката заедница, која дава свој придонес во општествениот и културен прогрес во Охрид и Македонија е важен дел од македонското општество.

Власите во Македонија, се составен дел од историјата на Република Македонија и нераскинлив дел од сегашноста и иднината на државата.

Националниот ден на Власите е можност да ја одбележиме и прославиме долгата традиција на соживот и заедништво. Нека ваквите празници бидат повод за заедничка заложба за зацврстувањето на благосостојбата и просперитетот на градот и државата“, стои во честитката на градоначалникот, Јован Стојаноски.