28/03/2024
Македонија

Граѓаните гласаа за Европска Македонија, Демократскиот сојуз е парламентарна партија

Демократскиот сојуз оценува дека вчерашните предвремени парламентарни избори беа фер и демократски, без насилства, со висока излезност во специфични здравствени услови, при што граѓаните можеа слободно да ја искажат својата определба и гласаа мирно и достоинствено, определувајќи се за Европска Македонија.

Демократскиот сојуз ја известува јавноста дека во следниот собраниски мандат ќе биде парламентарна партија и ќе даде придонес со сопствени оригинални идеи и законски решенија за решавање на суштинските проблеми на граѓаните.

„Очекуваме со нашите партнери од коалицијата „Можеме“ што побрзо да се состави стабилна влада, без развлекувања и уцени, во која ќе учествуваме со својата програма и со квалитетни кадри и која веднаш ќе се зафати со здравствените и економските предизвици.

Демократскиот сојуз смета дека приоритети на следната влада се надминување на здравствената криза со помош на нашите партнери од ЕУ и НАТО, енергична борба против организираниот криминал и корупцијата, воспоставување правда и правичност, како и усвојување сериозна антикризна економска програма за заживување на македонската економија и подигање на животниот стандард на граѓаните. Очекуваме преговорите за членство во Европската унија кои треба да почнат до крајот на оваа година, да го забрзаат процесот на европеизација на Македонија и да придонесат за повеќе правда и демократија и подобар и поквалитетен живот.

Демократскиот сојуз исто така очекува во првите три месеци од новиот мандат Собранието да донесе измени на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи заради поправично и подемократско одразување на волјата на граѓаните и разбивање на двопартискиот монопол. 

Демократскиот сојуз инсистира да се расчисти со паѓањето на веб-страницата на Државната изборна комисија, како и со евентуалните намерни грешки во обработката и презентацијата на изборните резултати и против одговорните да се преземат соодветни законски мерки.“ – стои во соопштението од Демократскиот сојуз.