28/03/2024
Охрид

Грандиозен настап на генијалците од БОБ-Црвен крст Охрид на „БОБ ФЕСТ Србија 2018“

Грандиозен настап на Бреинобреин генијалците од Центарот за развивање на животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид на првиот Национален Бреинобреин натпревар „БОБ ФЕСТ Србија 2018“ кој вчера, 18 март 2018 се одржа во Белград. Како посебни гости во демо програмата на натпреварот, 22 деца кои го следат деветтото и десеттото ниво на Бреинобреин програмата во центарот БОБ-Црвен крст Охрид, се претставија со мултимедијален перформанс „Грдото пајче“ преку кој ги презентираа стекнатите вештини и знаења за мултитаскинг и визуелно, без употреба на абакус, во исто време пресметуваа математички операции (собирање, одземање, множење и делење) на двоцифрени и троцифрени броеви, за што добија огромен аплауз од публиката и посебни награди од организаторот и амбасадорката на Индија во Србија.

На овој настан присуствуваше и светскиот мастер франшизер и основач на Бреинобреин програмата Ананд Субраманиан кој уште еднаш го истакна Центарот за развивање на животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид како прв отворен центар на Балканот и најуспешен во регионот. Секако, присуството на претставници од Бреионобреин центрите од Австрија, Унгарија и Босна и Херцеговина беше искористено од страна на нашите тренери да се разменат искуства и визии за развивање на БОБ програмата и да се договорат заеднички активности.

Покрај официјалниот дел, децата од БОБ-Црвен крст Охрид ги разгледаа знаменитостите на Белград, а не ја испуштија можноста и за културно издигнување следејќи детстка театарска претстава.

Меѓународниот карактер и докажаност во светски рамки, позитивните резултати и корисноста за децата кои ја следат Бреинобреин програмата, поддршката од родителите и предизвиците кои ги носи Бреинобреин програмата, остануваат вистински мотив за тимот на Бреинобреин Охрид посветено да ја унапредува и усовршува оваа програма и веке во месец мај 2018 да ја заокружи и петтата генерација на деца кои комплетно ја завршија БОБ програмата во нашиот центар.