29/03/2024
Охрид

Хуманитарен концерт на „Охридско лето“ со врвните руски уметници Синчук и Науменко

Директорката на Националната установа фестивал „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, во недела, на 11 ноември во црквата „Света Софија“ со почеток во 19 часот ќе организира хуманитарен концерт на класична музика со врвните руски уметници пијанистот Александар Синчук и флејтистот Aртем Науменко. Тие ќе изведат дела од Бах, Доплер, Рахмањинов, Алиабиев, Прокофјев, Кларк, како и од други композитори.

Настанот од областа на класичната музика ќе биде бесплатен за посетителите, а на влезот од црквата ќе има кутија за донации, каде што посетителите ќе можат да дадат свој придонес за 15-годишната охриѓанка Сара Настеска на која и’ се неопходни 200 илјади евра за лекување во Германија.

Младиот пијанист Александар Синчук е роден во градот Находка, Приморски Крај во Русија. Како студент на московскиот конзерваториум под менторство на професорот Валери Пиасетски, почесен уметник на Руската федерација, Александар Синчук стана лауреат на многу престижни натпревари по пијано. Меѓу другите има и Прва награда на Четвртиот Меѓународен натпревар на Рахманинов и златен медал на Деветтиот меѓународен натпревар за млади пијанисти во сеќавање на Владимир Хоровиц.

Во февруари 2009 година, Александар Синчук успешно дебитира во салата Карнеги Хол во Њујорк. Во 2010 година младиот пијанист изведе 37 концерти на големата турнеја низ САД. Во 2014 година, Александар Синчук ја заврши престижната Дипломска програма со почести на музичката школа USC Торнтон во Лос Анџелес, САД, во класата на светски познатиот пијанист Даниел Полак. Во февруари 2017 година, Александар Синчук учествуваше на церемонијата за затворање на третите Светски Игри насловени како ЦИСМ во Сочи.

Неговите настапи денес се одржуваат во најдобрите концертни сали низ Русија, како што се Големата сала на Московскиот конзерваториум, Сала Светланов во Меѓународниот дом на музиката во Москва, Концертната сала на Марински театар и во странство: во Србија, Бугарија, Украина, Италија, Шпанија, Австрија, Германија, Франција, Данска, Луксембург, Швајцарија, Израел, САД, Мароко, Порторико, Турција, Кина, Јужна Кореја …

Од 2014 година Александар Синчук е ангажиран во педагошката работа. Во 2015 година почна да работи како асистент професор на Московскиот државен конзерваториум. Тој често дава мастер класови во Европа, Америка и Азија.

Флејтистот Артем Науменко е роден во 1992 година во Саратов, Русија. Со музика започнува уште од петгодишна возраст. На 10 години Артем влегува во Централното музичко училиште во Москва, и студира со професорите Јури Должиков и Александар Голишев. Во 2010 година, го завршува училиштето со почесен успех и го продолжува своето образование на Државниот конзерваториум „Чајковски” во Москва, исто така со професор Голишев каде што дипломира со почести во 2015 година. Две години подоцна, Артем магистрирал на флејта и продолжува со студиите на Конзерваториумот во Париз во класата за камерна музика на професорот Мишел Морагуес.

Тој е лауреат на Интернационалниот телевизиски натпревар во 2006 година и победник на Меѓународниот натпревар во Падова, Италија, во категориите на дувачки инструменти и виртуози во 2007 година. Победник е и на натпреварот Млади таленти на Русија во 2008 година. Науменко ја доби наградата Национален триумф и беше прогласен за млад победник во областа на литературата и уметноста во 2007 година.Науменко редовно настапува и во париски ансамбли, како и во дувачкиот квинтет „Апалон“ и триото „Фламиарт“. Настапувал исто така и со Парискиот камерен оркестар, Државниот оркестар на Филхармонијата на Русија, Државниот камерен оркестар „Московски виртуози“, Лирскиот симфониски оркестар на Париз, Претседателскиот оркестар на Русија, Државниот дувачки бенд на Русија, Симфонискиот филхармониски оркестар Саратов , Омск, Кострома, Јарослав. Тој настапил и со Чешката филхармонија (диригент Пинхас Стајнберг) во 2010 година, и редовно добива покани да настапи како прва флејта во камерниот оркестар „Московски виртуози“.