29/03/2024
Охрид

Хуманитарен спортско – социјален настан „Охрид трчаТ за Сара“

На ден 01. 11. 2018 година (четврток) со почеток од 16 часот ќе се одржи Хуманитарен спортско – социјален настан под име “ Охрид трчаТ за Сара “.

„Охрид трчаТ за Сара е симболична трка без натпреварувачки карактер се со цел сите заедно сплотено да истрчаме во насока на подоброто утре за нашата Сара Настеска.“ – велат организаторите.

Учеството е  минимум 100 денари и сите средства ќе бидат донирани на фамилијата Настески. Стартот на хуманитарната трка е во 16 часот пред “Куба Либре” а целта е пред Дом на Култура “Григор Прличев”. Уплатата на котизацијата/донацијата ќе ја спроведат волонтерите на Црвен Крст Охрид и таа ќе се реализира на стартот на самата трка.

„Почитувани граѓани, подоброто утре за Сара можеме и мораме да го постигнеме со дополнително собирање на финансиски средства, но и можеме и мораме да го постигнеме и преку моќното градење на еден тим од илјадници охриѓани кои во еден момент и на едно место ќе пратат силна порака до неа и нејзината фамилија дека не се сами и дека сите ние сме Сара и фамилија Настески. Изминатите денови на многу хуманитарни настани и на разни начини сигурно сте донирале средства и на таков начин сeкој еден од Вас сте биле дел од поддршка за Сара. Она што сакаме да го направиме, преку овој настан, е дополнително да Ве мотивираме да донирате минимум 100 денари и на таков начин да бидеме уште поблиску до крајната цел.

Почитувани, Ве повикуваме сите, сопственици, директори, раководители,вработени, сите заедно на едно место, на една трка, да ја направиме најголемата ТИМ БИЛДИНГ ЕКИПА во светот наречена САРА НАСТЕСКА !

Излезите од работа, од дома, од кафичите, од кладилниците, од продавниците и придружите ни се во оваа заедничка наша мисија.“- додаваат организаторите.

Настанот е во организација на атлетскиот клуб Охрид трчаТ, Сојузот за училишен спорт, Основните и средни училишта од Општина Охрид, Црвен крст Охрид и Општина Охрид.