28/03/2024
Македонија

И родителите кажаа ДА за воведување сексуално образование во училиштата

Во јули, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување спроведе телефонско истражување за ставовите и мислењата на родителите за воведување наставни содржини за сексуално образование. Анкетата беше спроведена на примерок од 800 родители/старатели. Согласно препораките на УНЕСКО, моделот на сеопфатно сексуално образование ги вклучува следниве теми кои треба да бидат изучувани во образовниот систем, а адаптирани на возраста и потребите на децата: (1) Род, (2) Врски и односи, (3) Тело и слика за своето тело, (4) Сексуално и репродуктивно здравје, (5) Сексуалност, (6) Насилство и (7) Граѓански аспекти.

Исклучително висок процент од родителите, кој се движи меѓу 82% и 96%, се согласуваат младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуално образование. Најголема согласност (95%) постои за теми поврзана со (1) Заштита од насилство врз жените, сексуалното насилство и насилството на социјалните мрежи , (2) Услуги и медицинска помош при ризик од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, (3) Заштита од несакана бременост, (4) Механизми за заштита на сексуални и репродуктивни права, (5) Промени во пубертетот. Иако е со висок процент (82%), сепак најмала согласност од понудените теми родителите покажуваат за значењето и давање на согласност на партнерот/ката при влегување во сексуален однос, особено првиот.

Истражувањето покажа дека нема значителни разлики во согласноста кај родителите на понудените теми од сеопфатното сексуално образование во однос на полот, возраста, средината на живеење или економскиот статус. Етничката припадност на родителите исто така нема значајно влијание за воведување на содржини за сексуално образование. Имено, кај родителите од македонска етничка припадност прифаќањето за изучување на сите теми од сексуалното образование се движи меѓу 90% – 97%, додека кај родителите Албанци меѓу 81% – 95%.

Согласно мерените ставови за сеопфатното сексуално образование, родителите сè уште во значителна мера (меѓу 34% – 36%), ги поддржуваат традиционалните улоги на мажите и жените во општеството, а за повеќе од половината (59%) хомосексуалноста сè уште не е општествено прифатлива. Ова укажува дека прашањата поврзани со различностите, сексуалната ориентација и родовата еднаквост, односно прашања кои се изучуваат во рамки на темите за (1) Граѓански аспекти и (2) Род треба да бидат прилагодени за возраста со цел градење на позитивни вредности во однос на сексуалните идентитети и еднаквоста на жените и мажите, но и намалување на стигмата и дискриминацијата кон одредени групи на граѓани во општеството.

Наодите од истражувањето и одлуката на Владата за пилотирање на програма за сексуално образование во основните училишта се само уште еден доказ за подготвеноста и на креаторите на политиките и на родителите за конечно воведување на сексуалното образование во наставата. Покрај изразената политичка волја ѝ препорачуваме на Владата во 2020 да одвои и буџетски средства со цел ефикасно спроведување на пилот програмата.

  Наодите од истражувањето се достапни на македонски, албански и англиски.