19/04/2024
Спорт

Игор Ангеловски: Целта е да бидеме во конкуренција за висок пласман, целиот фокус најпрвин ќе биде на Летонија

По одредувањето на распоредот на натпревари за квалификациите за ЕП 2020 година, селекторот на репрезентацијата на Македонија, Игор Ангеловски повтори дека целта за Македонија е да бидеме во конкуренција за висок пласман, нашиот предводник истакна дека целиот фокус најпрвин ќе биде на воведниот натпревар против Летонија. 

„Веднаш после извлекувањето на групата реков дека наша цел е да бидеме во конкуренција за висок пласман до крајот од квалификациите. Мораме да веруваме во себе и во своите квалитети. Како селектор, заедно со стручниот штаб сме фокусирани на првиот натпревар против Летонија на домашен терен. Ќе ги анализираме сите противници, но одиме од натпревар во натпревар. Имаме две релативно блиски патувања, во Словенија и Австрија, три од првите четири натпревари ги играме на домашен терен и ќе направиме сѐ што е во наша можност да бидеме со што е можно повеќе бодови на тие воведни натпревари. Групата е неизвесна и ќе биде голема борба, без разлика на распоредот,“ – изјави селекторот Ангеловски.