Ин Мемориам: Големиот – Петко Шипинкароски

Животот е како сон, драг Пријателе.

Животот е краток, моментите поминати со Тебе се вечност.

Уметниците брзо сагореваат, а ти живееше за двајца, море за сите нас. Зборуваше тихо, секогаш со насмевка, а живееше така громко. Ти, со својот живот и дело, покажа и не учеше да не ја прифаќаме беспомошната покорност во провинцијата, дури и ако мораме да останеме апатрити во својата куќа. Од очите ти блескаше некаков мисионерски сјај, со чувство на интензивно живеење, кога телото и духот се во фузија. Ентузијазмот, кај Тебе се преливаше.

Не учеше дека е непотребно да се очајува предвреме, Ти беше нашиот глас на разумот. Од Тебе допираше благ мирис на зрелост, не хранеше и буквално и метафорично со леб и надеж – и во твоето Мариовои во мојата Дебрца. И во твоето Будимирци и во мојата Црвена Вода.

Секогаш верен на својата интуиција.

Од Тебе, драг Пријателе, научив многу. Довербата не се дели на дози – таа се подарува и се заслужува, еднаш за секогаш. Ти возвраќав, колку што можев, во јавната медиска афирмација на твојето творештво, манифестациите кои ги создаваше, им вдахнуваше долг живот.

И кога ние заминуваме, тие остануваат и после нас.

Твојата виталност, за нас беше заразна. Ти не го живееше својот живот, Ти гореше од живот. Со нежност исткаена од љубов и благодарност. Вечна ќе ти биде и нашата благодарност.

Твој беше поттикот и твоја беше почетната поддршка, за нашата новонастаната манифестација – Балканскиот поетски камп за деца и млади: Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”. Ти дојде пред неговата куќа, да му направиме свет спомен, да ја отсрамиме нашата држава. Заминуваш во годината кога треба да му ја одбележиме 4о годишнината од упокојувањето. Ќе го сториме тоа со Христо, со Мајо, со Мишо, со Валерио, со Тоде, со Мишо…

Тоа нека биде нашиот завет.

Смртта, предвреме Те допре со своето крило. А, само, пред неколку дена, одвај говорејќи, ми се јави со припомош, да ми го дадеш контактот со Стојана Кукунеш. Неверојатна посветеност. Пријателството е вредност што го облагородува човекот, Ти покажа облагородено пријателство, татковска грижа и внимание.

Историјата на еден човек е историја на целото човештво. Ние не го избираме својот живот. Животот не избира нас.

Има моменти, драг Пријателе, кога и смртта е божји благослов. Божјото време не исто со човековото време.

Нашата утеха е во Твојата вечност.

Веле Митаноски