19/04/2024
Македонија

IN MEMORIAM: Почина поетесата Лилјана Дирјан

Денес на 64-годишна возраст во Скопје почина поетесата и новинарка Лилјана Дирјан…

Дирјан е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Била на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада и Фондацијата Губелкијан. За своето творештво е наградена со признанијата „Студенстки збор“ и „Браќа Миладиновци“.

Поезијата на Дирјан е преведувана на повеќе јазици и застапена е во антологиите на македонската современа поезија. Долги години Лилјана Дирјан беше главен уредник на списанието „Жена“, а беше и една од основачите на Друштвото на независни писатели на Македонија. Позначајни збирки поезија се „Природна појава“, „Жива мера“, „Пелин поле“, „Тешка свила“, „Приватни светови“, што беше и македонскиот претставник за наградата „Балканика“ во 2008 година, „Саѓе врз снегот“. Лилјана Дирјан ќе остане запаметена како голем соработник за литературното поврзување на регионот и како една од основачите и уредниците на познатото списание „Саревски тетратки“.

По повод смртта на истакнатата македонска поетеса и новинарка, Министерството за култура испрати телеграма со сочувство до семејството.

„Лиле не беше само истакната писателка која се разликуваше од останатите поети по својата автентичност, лиричност, по својата ерудиција и широки погледи кон светот, туку беше и жена борец која правдољубиво ги брани своите ставови во литературата и во животот, што го покажа и со активностите како еден од основоположниците на Независните писатели на Македонија. Во истовреме Дирјан беше комплетно креативна личност и надвор од литературата и новинарството која на различни начини го разубавуваше секојдневното постоење на сите околу неа. Дозволете од име на министерот за култура Роберт Алаѓозовски и од името на Министерството за култура да изразиме длабоко сочувство за вашата лична загуба, но да ја споделиме тагата што целата културна јавност ја доживува со загубата на големата македонска поетеса и новинарка“, се вели во телеграмата на Министерството за култура.