IN MEMORIAM: Почина сатиричарот и драматург Иван Карадак

Вчера во Скопје почина Иван Карадак, истакнат македонски сатиричар и драматург. За пошироката јавност, Карадак беше препознатлив по авторството на емисијата “Хихирику” што цели четириесет години се емитуваше на првата програма на Македонското радио…

Иван Карадак беше автор на бројни театарски претстави и текстописец на првото кабаре во Мaкедонија насловено “Кабаре – Коприварник “. Тој ги напиша и театарските претстави “Угоре високо – Удолу длабоко”, “Хумористична партија “, адаптацијата на текстот “Како да ја убиеш сопругата и зошто”, три новогодишни претстави за деца, првонаградената радио-драма “Мајче” и многу други.

Беше автор и на неколку книги: збирката на афоризми “Коприварник”, збирките на сатирични песни “Талкач по душата “, “Записи врз водата”, куси сценарија “Лајач на месечина” и најновата книга афоризми “Мисли со Боцки “. Беше автор и на многу телевизиски драми и серии, меѓу кои “Цвеќе на карпатa “, познатите “Камчевци”, “Алф од Ново Лисиче “, “Ало Ало “, “Агенција осамени срца”, “Балканбенд ” и други.

За неговиот опус, Карадак беше добитник Државната награда Св. Климент Охридски и бројни други награди.

Министерството за култура упати телеграма на сочувство во семејството, во кое изразува жалост за ненадејната смрт на нашиот истакнат сатиричар и драматург Иван Карадак. „Со неговото дело и ангажираност за критичко опсервирање на нашата стварност низ еден жесток и прониклив хумор, тој остави силен печат во нашата драмска и медиумска продукција. Ценето семејство, дозволете од име на министерот за култура Роберт Алаѓозовски и од името на Министерството за култура да изразиме длабоко сочувство за вашата лична загуба, но и да ја споделиме тагата што целата јавност ја доживува со заминувањето на истакнатиот нашиот истакнат хуморист“, се вели во телеграмата.

Погребот на починатиот се изврши денес на Градските гробишта во Бутел.