29/03/2024
Македонија

Информативна работилница за царински постапки и извоз во е-трговија

“A man’s station is only limited by his imagination” беше слоганот на конференцијата во организација на Асоцијација за е-трговија на Македонија, што се одржа на 13 септември 2018 година во Скопје, на која учествуваше Царинската управа со информативна работилница за Царински постапки и извоз во е-трговијата.
Слоганот во целост ја отсликува енергијата и иновативноста на една нова, млада генерација која има желба, но и знаење да внесе свежина и квалитет во економската и бизнис сфера во нашето општество.

Учеството на Царинската управа на оваа работилница е резултат на неодамна потпишаниот Меморандум за соработка со Асоцијацијата за електронска трговија, и е потврда на заложбите на Царинската управа за разбирање на партнерите, почитување и исполнување на заедничките принципи на постапување и делување, земајќи ги во предвид предностите и современите текови на електронската трговија што ги вклучува сите трансакции реализирани од далечина, со користење на електронски или дигитални платформи. Во таа смисла, Царинската управа на Република Македонија ќе го поддржува растот на е-трговијата придонесувајќи за економскиот развој и иновациите, преку обезбедување на поедноставено царинско опкружување што треба да придонесе за успех и одржливост на е-трговијата. Ова ќе се постигне преку хармонизација со европските процеси за царинење на пратки со мала вредност.

Директорот на Царинската управа, г-дин Ѓоко Танасоски, во своето обраќање на работилницата, им честиташе на организаторите за успешниот настан и уште еднаш ја потврди својата лична заложба како и заложбата на Царинската управа за максимална поддршка во подобрувањето на условите за прекугранична е-трговија.