28/03/2024
Охрид

Интернационален натпревар за млади музичари „Охридски бисери“

Интернационалниот натпревар за млади музичари „Охридски бисери“ по 17-ти пат се одржува од 15 до 21 Јуни 2018 во катедралната црква св. Софија во Охрид.

На свеченото отворањето настапија Вероника Мона Богиќ – виолина (добитник на гранд при од 2016 г.) со гудачкиот оркестар на МШ „Даворин Јенко“ од Белград под диригентство на Ненад Петковиќ од Србија.

Од 2005 натпреварот станува член на Европската унија на меѓународни натпревари (EMCY), со цел промоција на млади музички таленти на европско ниво. Од какво значење е ова членување за одржувањето и развојот на професионализмот на музичко-педагошката дејност во Република Македонија говорат повеќе факти:

-EMCY е европска заштитна организација со над 60 Државни и меѓународни музички натпревари за млади музичари, со седиште во Минхен, ЕМСУ е придружен член на WFIMC (Светската организација на натпревари за млади), член на Европската музичка унија (EMC), на Меѓународниот совет на Унеско, соработува со Унијата на музичките училишта на Европа (EMU), како и со Светската организација на Музичката младина (JMM).

Високите професионални стандарди кои се пропишани за учесниците во оваа асоцијација (вклучително и за Охридски бисери) битно влијаат на сериозноста на пропозициите на меѓународните натпревари, како и на неопходноста за високо реноме на членовите на жирито. Овие компоненти од своја страна значајно го подигнуваат европскиот рејтинг на самиот натпревар благодарејќи на ЕMCY, повеќе од триесет млади македонски музичари гостуваа низ цела Европа: во Германија, Словачка, Италија, Австрија, Луксембург, Србија, Словенија… Од друга страна, млади музичари од повеќе земји се присутни во Охрид како учесници на Охридски бисери.

Можеби најмногу од се кажано досега, говори фактот, што Генералното Собрание на престижната организација ЕMCY, во 2012 се одржа токму во Охрид, Македонија, во организација на музички и балетски педагози на Македонија, во склоп на натпреварот.

На годинашниот натпревар пријавени се 81 учесник од повеќе држави: Русија, Германија, Кина, Романија, Чешка, Турција, Полска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија во дисциплините виолина и пијано.

Натпреварот го следи интернационално жири од меѓународно истакнати и признати музички изведувачи и педагози.

Завршниот концерт на натпреварот ќе се одржи утре, на 21 јуни 2018 во св. Софија во Охрид со почеток во 20:00 часот.