25/04/2024
ИнтервјуОхрид

Интервју: Како работат директорите на охридските основни училишта?

Воспитно-образовниот процес е одговорна и комплексна работа која бара посветеност и одговорност од сите нејзини чинители, како од наставниците и стручните соработници, така и од учениците и родителите. За да биде сето тоа и сите тие фактори да бидат обединети и координирани на патот кон својата цел, потребно е нивниот заеднички водач и раководител – директорот, да биде пред се’ посветен и одговорен менаџер на училиштето со кое раководи.

Kaко работат и колку се посветени на својата работа директорите на охридските училишта, ќе дознаете од симултаното интервју кое го водиме со неколкумина директори. Прашањата се всушност поедноставени и заеднички за сите, а дали и каква визија имаат тие, ќе дознаете, ако ги проследите нивните одговори .

WebOhrid: Најпрво, која беше вашата причина да бидете раководител/директор и колку сте задоволни од својата досегашна работа?

Мојсовска: Моето долгогодишно искуство во просвета и претходно искуство како директор на оваа установа, беа мој мотив и предизвик за да ја прифатам оваа раководна функција. Со доаѓањето на оваа раководна позиција се судрив со многу финансиски проблеми, кој бараат многу труд и посветено време, но моето искуство за среќа ми помогна да можам да се справувам со целата ситуација.

Пуроски: Причината за директор на ОУ „Св.Климент Охридски“ беше да дадам и имплементирам идеи за подобрување на текот на наставата и инфраструктурата во училиштето. Да иницирам и следам процеси кои би влијаеле во подобрување на наставниот процес во училиште. Крајната цел е да биде училиште препознатливо по високите стандарди во кои ќе учат талентирани и надарени ученици од целиот град, а не само од реонот каде што припаѓаат.

Симоновски: Пред се, мојата долгогодишна работа во воспитно-образовниот процес, учеството во повеќе домашни и меѓународни проекти од областа на образованието, работата како надворешен стручен соработник во Бирото за развој на образованието во учество на подготовка на програмите за изработка на учебници по географија за основното и средното образование, потоа како автор и рецензент на повеќе трудови и визијата за развој на воспитно-образовниот процес и работата со онаа најчистото и најдрагото – учениците, ми беше предизвик да застанам на чело на една воспитно-образовна институција и чест ми е што сум прв меѓу еднаквите на ОУ „Христо Узунов“ кое училиште е со долга традиција (веќе 48 години) на спроведување на воспитно-образовниот процес, со голем број на колеги пензионери и сегашни кои од срце ја работеле и ја работат оваа најблагородна професија што поставува темел на вредностите на една личност. Задоволството е огромно, бидејќи кај нас работниот процес тече беспрекорно со соработка со колегите, родителите, но и учениците.

WebOhrid: Уште една учебна година го отпочна својот воспитно образовен процес. Секој септември се случуват некои измени во образовниот систем и оттука и нови проблеми и обврски за наставниот кадар. Со кои проблеми се сретнавте оваа година како училиште?!

Мојсовска: Во нашето училиште работи професионален кадар, кој без никаков проблем ги извршуваат сите задачи кои им се дадени. Тоа се многу инвентивни луѓе кои со свои идеи го збогатуваат целиот наставен процес. Професијата, наставник, навистина стана многу захтевна, бара посветено работење и надвор од работното време. Новата учебна година ја започнавме без проблеми, освен тие што претходно ги посочив.

Пуроски: Бидејќи соработката со сите засегнати структури кои влијаат во образовниот систем се на високо ниво, но и поради добрата подготвеност и свест на вработените, почетокот на учебната година за нас преставуваше радост и мотив оваа учебна година да биде побогата и поуспешна од минатата. Со тоа би сакал да кажам дека не наидовме на проблеми.

Симоновски: Да, веќе новото време, новиот начин на живот од искуства и промени во воспитно-образовниот процес. Оваа година новитет беше проектот Кембриџ од прво до трето одделение. Секако, проблемите постојат за да ги решаваме. Нашиот наставен кадар целосно се вложи во имплементацијата на овој проект, како што беше и со воведувањето на Е-дневникот, екстерното тестирање и ред други новини во образованието. Видете, секој новитет создава нови напори, нови учења, но секако треба да се вложи труд тоа да се спроведе, а тоа во нашето училиште се прави на најдобар начин.

SilvijaMojsovska

WebOhrid: Проблемите и барањата на наставниците кулминираа со штрајк кој не се случи, или поточно се случија преговори. Охридските училишта кои беа за преговори и не учествуваа во одлуката за штрајк на просветните работници беа оцрнети од СОНК и од некои медиуми како штрајкбрехери. Испадна дека сепак разумна беше нивната одлука да не ја поддржат избрзаната одлука за штрајк?! Какви беа реакциите во Вашето училиште и дали до Вас како директор стигнаа некои од барањата ?!

Мојсовска: До мене не стигнаа барања од страна на наставниците. Пред да станам директор, бев претседател на Синдикатот во нашето училиште и ми се познати размислувањата и барањата на наставниците од сите училишта, зашто сме ги дискутирале во Регионалниот синдикат. Нашите размислувања биле дека претседателството на СОНК е добро платено од страна на членството и нивна должност е да изнаоѓаат начини како да ги заштитуваат правата на вработените, а не да повикуваат на штрајк. Најавениот штрајк беше избрзан, а не беа дефинирани и барањата. Наставниците не сакаат да се прави раздор во колективите од било која причина, а всушност никој и не ги сака штрајковите, сите сакаме да се решаваат проблемите со дијалог.

Пуроски: Со тоа се потврди дека во охридскиот образовен систем има високо свесни наставници кои навистина ги согледуваат работите и во ниеден случај нивните барања не ги поставија во ситуација да бидат злоупотребени чуствата на родителите и децата. Атмосферата во нашето училиште е секогаш позитивна, бидејќи целта која што сакаме да ја постигнеме како колектив е многу поголема од целите што беа понудени. До мене како директор не беа стигнати никакви барања.

Симоновски: Имате работа со интелигенцијата на државата. Кај нас се зборува доста отворено во решавањето на проблемите и за оваа ситуација се разговараше, синдикалната организација во нашето училиште имаше состаноци, но мислам централата на СОНК од Скопје ги потцени своите членови за организирање на штрајк, бидејќи немаше јасна причина и аргумент за одржување на еден ваков штрајк. Тоа го препознаа колегите и не се приклучија кон иницијативата за штрајк. Никој не може да си игра, пак ќе речам со интелигенцијата на државата.

WebOhrid: Гледано од ваш агол што навистина му треба на денешниов наш образовен систем и дали промените „а ла Кембриџ“ и слични се во вистинско време и на вистинско место!? Што добиваат со тоа нашите уечници, а што нашите наставници?!

Мојсовска: Сите промени кои се внесуваат во училиштата се со цел да им се направи поинтересна наставата и на разни начини да ги усвојуваат знаењата и истите да бидат трајни. Сите овие промени не се кај нас измислени, во Светот се веќе одамнешна пракика која дала резултати. Не може да се чека некој „погоден“ момент, мора да се преземаат мерки за некаква промена. Сето ова се прави за добро на учениците, зашто денешниве ученици немаат трпение да го слушаат наставникот да зборува цел час. Од тие причини треба што повеќе да се активираат, да се насочуваат на размислување, идејност и креативност што реално им недостига. Што се однесува до наставниците тие се многу оптеретени, зашто е потребно многу работа, инвентивност за да го обмислуваш секој наставен час.

Пуроски: Кембриџ е вистина актуелен во државата. Од информации, минатата година се спроведуваа повеќе проекти со кои се тестираа знаењата на учениците низ државата, па резултатите добиени по математика беа запрепастувачки. Со оглед на тоа ги поздравувам промените, по одредени предмети. Што се однесува до предметот природни науки мислам дека е многу подобро замислен за учење и размислување, со што учениците стекнуваат вистинско знаење, а не само теоретско. Во секој случај се стремиме учениците да добиваат што повеќе знаења, со тоа наставниците добиваат сатисфакција за работа, признание за нивниот труд, нема поголема радост за вистински наставник од фактот дека ученикот стекнал знање и навики благодарение на токму тој наставник.

Симоновски: Можеби ќе се повторам на едно од вашите прашања, секоја новина не само во образованието се прифаќа со потешкотии, така и ова, но ќе покаже времето каква ќе биде имплементацијата. Доста се разговара со колегите за воведувањето на Кембриџ програмата која бара нов пристап во наставата, потешкотии има, но не се несовладливи. По мои сознанија со оваа програма до учениците повеќе се доближува практичното од теоријата.

WebOhrid: Пред нас е уште една временски неизвесна зима. Дали училиштето е подготвено да ги даде оптималните и потребни услови за топла зима на учениците во училипните згради!? Помогнаа ли и како Локалната или Централната власт во дел од безбедните и нови услови во училиштето?! Со која новина од тој аспект ја започнавте оваа учебна година?!

Мојсовска: Што се однесува до зимата, можеме само да ја поздравиме, зашто со греењето немаме проблеми. Имаме парно греење и во централното училиште и во подрачното во населба Рача, а залихи на нафта имаме до почетокот на второто полугодие. Локалната власт ни помага континуирано. Пред почетокот на новата учебна година двете згради во централното училиште целосно беа молерисани со што училиштето го промени својот изглед.

Пуроски: Во однос на грејната сезона во соработка со локалната самоуправа ги имаме сите потребни енергенси за затоплување на училишнте простории. Учебната година ја започнавме весело со доаѓањето на нашиот гостин Ивце Пивце кој им додели на секое прваче книга со посвета и ги анимираше првачињата. Воведовме нов начин за работа со учениците кои ќе учествуваат на натпревари. Извршивме анкетирање на сите родители за „трендот„ на праќање на своите деца на приватни часови, со што по анкетата се прави акционен план, односно обид тој тренд да се намали, во соработка со Советот на родители.

Симоновски: Секако дека се работи за деца кај нас, во нашето училиште, преземени се сите мерки за да ја дочекаме зимата подготвени. Набавена е потребната количина на нафта, благодарение на Локалната самоуправа, поправена со некои грејни тела и котлите за парно, така што сме и тоа како подготвени за зимата. Инаку очекуваме прифаќање на проектот од централната власт за промена на прозорците и вратите на училиштето кој проект е направен по европски стандарди, со што уште повеќе би се зголемила топлотната и звучната изолација на училиштето, а секако би се зголемила и грејноста на просториите.

JordanPuroski

WebOhrid: Каква е соработката со родителите и со Локалната средина и со Локалната самоуправа на Охрид?!

Мојсовска: Соработката со родителите е добра на сите нивоа од наставник, стручна служба, директор. Училиштето е големо, така да се јавуваат одвреме навреме забелешки од страна на родителите, но гледаме да изнајдеме правилно решение на секој проблем и колку е можно да излеземе во пресрет на родителите. Од страна на родителите имаме голема подршка и помош во сите сегменти. Соработката со Локалната заедница и Локалната власт се одвива секојдневно и непречено во позитивна насока и со големи желби за подршка на училиштето и создавање на здрави услови за развој на учениците.

Пуроски: Одлична, често се состануваме и отворено дискутираме за сите актуелности.

Симоновски: Нашето училиште опфаќа голем реон на згрижување на деца во воспитно-образовниот процес. Како училиште со најголем број на ученици, а со тоа и на родители, многу сум задоволен од соработката. Кај нас функционира советот на родители со кој во текот на минатата година се организираа повеќе хуманитарни акции, еколошки акции и ред други активности. Исто така и соработката со Локалната самоуправа е на високо ниво. Еве тука упатувам јавна благодарност до јавните претпријатија „Комуналец“, „Нискоградба“, „Градски Гробишта“, кои и тоа како придонесоа на средување на школскиот двор, редовно чистење на дворот и реновирање на дел од просториите во училиштето. Оваа година со помош на Локалната самоуправа беа молерисани училниците, сервисирани противпожарните апарати, дотурот на нафта за потребите на училиштето, осигурувањето на училиштето и уште многу активности кои што ги помага Локалната самоуправа.

WebOhrid: На што најмногу се жалат родителите, а на што наставиците и другита вработени? Што е тоа за што имате заеднички став и разбирање, а сепак недостасува или е неопходно да се промени?!

Мојсовска: Родителите најмногу се жалат кога учениците меѓусебно ќе се скараат, удрат или навредат и поединечни случаи на однос на наставник. Наставниците и другите вработени ретко се жалат, тие даваат предлози за посочен проблем како да се реши и изнаоѓаме заеднички решенија и промени. Сите проблеми ги решаваме со разговор.

Пуроски: Во глобала нема чести жалби, но кога би имало се седнуваат сите засегнати страни и секогаш со разбирање и разговор ги завршуваме.

Симоновски: Немаме некои поголеми поплаки, но секако новитетите во образованието ги засегаат и едните и другите. Заеднички став е да се вложи труд и од едните и од другите за што подобро придонесување за изградба на една здрава зрела личност од учениците.

WebOhrid: Едно неизбежо прашање за екстерното оценување: колку го оправдувате како такво и што според вас е нужно да пртетрпи измени? Какви се искуствата, особено сега кога имаме наградени наставници кои се самооценуваа интерно и наспроти нив имаме казнети наставници кои добија таква оценка од екстерно оценување на нивните ученици?!?!?

Мојсовска: Јас лично сметам дека треба да има екстерно тестирање, но да не биде поврзано со оценување на наставниците и од добиената оцена од екстерното и од наставникот да се оформи средна оцена по дадениот предмет. Убаво е да се повтори наставната материја на крајот од учебната година, но тоа повторување е на дадени прашања кои не се доволни да се дава реална оценка за среботеното на часовите во текот на целата учебна година. По професија сум професор по македонски јазик и предметот кој го предавам има повеќе области кои се обработуваат и вештини кои треба да ги стекнат, а не можат сите да се проверат со дадените прашања. Сите наставници не се во равноправна положба. Што се однесува до наградите и казните за оваа учебна година со гордост можам да кажам дека во нашето училиште има само наградени наставници.

Пуроски: Како што и работите во животот не можат да бидат идеални и без недостатоци, така и секоја работа не може да биде совршена. Можам да кажам дека во нашето училиште нема таква поделба на наградени и казнети наставници, туку на вредни и исполнителни.

Симоновски: Екстерното оценување е проект кој мора да постои секако со негова надоградба. Веќе се повеќе се сфаќа улогата на воведување на една ваква процедура во воспитно-образовниот процес. Бидејќи се добива реалноста на знаењата на учениците, бидејќи во еден период беше излезена од контрола. Првично проблемот беше во техничкото спроведување на екстерното оценување, но оваа година се беше беспрекорно организирано. Во нашето училиште немавме казнети наставници, но можам да се пофалам со наградени. Во овој дел мислам дека Законот ќе претрпи измени, во што пореално оценување на колегите и начинот на нивното оценување.

ToniSimonovski

WebOhrid: Која е визијата на училиштето со кое раководите?! Што е Вашата цел ? Каде и какво го замислувате и какво сакате да изгледа Вашето училиште после 10 години?!

Мојсовска: Мојата визија е да сфатат учениците дека учат за себе и да стекнуваат трајни знаења, кој понатака во животот ќе им помогнат да си го направат животот поубав и да се изградат во успешни луѓе. Само знаењето никој не може да ни го земе. Училиштето го замислувам со убаво уреден двор, со многу шарени цвеќиња кои самите ученици грижливо ќе ги одгледуваат, во секоја училница да се поставени проектори, интерактивни табли, убав мебел и среден комплетно ентериер. Да се постави разглас кој би го воделе самите ученици и со пријатна песна да ги минуваат одморите. Да се изгради делот кој ќе ги спојува двете училишни згради во кој би трбало да има сала за приредби, простории за воннаставни активности, наставничка канцеларија, простории за разонода како за помалите и за поголемите ученици. Се надевам дека сево ова еден ден ќе биде реалност во нашето училиште.

Пуроски: Визијата е да биде училиште со високи критериуми, училиште кое ќе биде расадник на талентирани и надарени ученици, препознатлив едукативен центар во државата. Нема да бидам скромен, бидејќи нашето училиште е сместено на невидена природна убавина, место со позитивна енергија, далеку од сообраќаен метеж и загаденост. Затоа ние после 10 години само сакаме да бидеме горди на нашите ученици.

Симоновски: Со темпото со кое се движат реформите во образованието, 10 години е предолг период, но мислам дека ќе се менуваат многу брзо работите во имплементација на техниката во образованието. Знаете, беа воведени компјутерски училници, па лап-топ за колегите и учениците од прво до петто одделение. На ред е новата донација од Владата која се очекува со нетрпение, тоа е таблет за секој ученик, потоа обнова на кабинетската настава. ОУ „Христо Узунов“ за 10 години го гледам како едно опремено модерно училиште со опремени кабинети, реновирана спортска сала, училиште кое ќе нуди услуги за беспрекорно образование за нашите деца.

WebOhrid: Која е Вашата порака до Вашите вработени, до Вашите ученици и до родителите ?!

Мојсовска: Пораката до моите вработени е дека не треба да заборавиме дека училиштето постои заради учениците, а не заради нас. Наша заедничка обврска е да делуваме на нив како воспитно така и образовно, да им ги овозможиме сите услови за пријатен престој во училиштето. Учениците културно да се однесуваат кон наставницит и другите вработени, да се почитуваат сите ученици меѓусебно, да се грижат за инвентарот како што го прават тоа во своите домови, да внимаваат повеќе на одржување на хигиената во просториите во кои престојуваат, зашто тоа е нашиот дом, ние сме едно семејство. Родителите да не се вознемируваат ако детето им се пожали, да доаѓаат да разговараат и со почитување на сите да се решаваат проблемите. Психички да се подготват дека сака подолго време за описменување на учениците. Некои тоа побрзо го учат некои поспоро, но на крај нема дете кое напорно работи, а да не покажува успех. Да ги научат децата самостојно да си ги извршуваат домашните задачи за да си ја олеснат работата. Да ги оставаат децата сами да се борат во средината и да си го најдат своето место меѓу другарчињата. Децата воннастава да ги тераат да спортуваат, ако имаат дарба за музика, нека посетуваат часови за пеење, свирење на некој инструмент, нека членуваат во играорна група, односно да им овозможат да се релаксираат, а не паралелно да посетуваат часови по неколку предмети во други училишта. Родителите да се радуваат со своите деца на среќните семејни разговори, прошетки, но мора да поставуваат и правила за однесување.

Пуроски: Добрите наставници се секогаш отворени и не се плашат од усовршување на вештините на предавање, тие успеваат да го отворат скриениот талент и вештините и стрпливо чекаат да бидат покажани од нивните ученици. Добрите родители секогаш се стрпливи и разумни, ги согледуваат сите страни па одлучуваат и се разликуваат премногу амбициозните. Учениците да бидат вредни и постојано да учат, да стекнуваат знаења и вештини, да ги ценат и радуваат малите работи, но работи кои тие сами ги постигнале или учествувале во нивното создавање.

Симоновски: Порака? Да сме сите пред се луѓе, да разговараме за се, бидејќи се се решава со разговор, да се трудиме сите училиштето да го направиме пријатен дом за нашите деца да се чувствуваат спокојни, мирни, полни со задоволство и всушност да го почувствуваат училиштето со неговата цел, а тоа е да станат изградени, позитивни, зрели, хумани личности.

WebOhrid: Нешто што не Ве прашав, а сакате да пренесеме до јавноста!??!

Симоновски: Сакам да им сугерирам на сите: Сакајте ги своите деца, овозможете им да го растат детството како деца, но и вложувајте во нив. Тие се најчистите, најискрените души што во голема мера зависи од сите нас какви ќе бидат. 

Л.И.Б./WebOhrid