28/03/2024
ИнтервјуОхрид

Интервју со Демир Далип, претставник на Египќаните за надворешна политика

1. Господине Далип, вие веќе 15 години сте активни во областа на остварување на правата на вашиот народ Египќаните. Каква, според вас е иднината на овој автохтон етникум?

– Едноставно, јас од моите 18 години, увидов дека мојот народ е на маргините на севкупното живеење. Веднаш после запишувањето на Правниот Факултет во Скопје, каде што и дипломирав, увидов дека некои работи, треба да се помрднат во една демократска амбиенталност, иако бев свесен, дека таа битка ќе биде многу тешка, битка која ќе трае со години, бидејќи таа битка бара време, тоа е цел сет на процеси и бара многу жртвување.Свесен бев што ме очекува, иако бев млад, желбата да им се спротивставам на асимилаторите, беше поголема од се. Египќаните, денес, благодарение на таа моја агресивна активност, денес се препознатливи не само во Македонија, туку и пошироко, во Балканот и Светот. Но, и покрај толку вложувања, работа, претрпени победи, но и порази, денес сум горд на фактот, што кога ќе кажеш Египќанец, тие те перцепираат како таков, а не како Ром или нешто друго. Тоа, за мене е голема сатисфакција, која мојот народ , знае да ја почитува. Стекнав многу пријатели, но и многу непотребни непријатели, но тоа е цената која ја платив, но не се покајувам, и денес, се чуствувам како да сум на почеток.

2. Вие сте овластен претставник на Египќаните за надворешна соработка, која е целта на вашата мисија?

– Видете, јас секогаш бев задолжен да ги подготвувам најспецифичните нормативни акти, на правните субјекти на Египќаните. Таа функција, ја прифатив со задоволство, бидејќи знаев дека на тој начин ќе го афирмирам прашањето на Египќаните. Можам, да се пофалам дека остварив средба со Претседателот на Р. Македонија, со Кабинетот на Премиерот, со неколку амбасадори, а последната беше, неформалната средба со Американскиот Амбасадор, Пол Волерс. Тие, средби, со тек на време ќе создаваат услови за интеграција на мојот народ, но факторот време и околности, имааат клучна улога. Ако, лично ме прашате, која функција ми била најтешка, но и најодговорна, тоа беше функцијата Овластен преставник на Египќаните, во 2001 година. Тогаш, како 24 годишно момче, се сретнав најмалку 5 пати со сега покојниот Претседател Трајковски, со Пердју, Леотар, и бев среќен, што во тоа време, немаше ниту повреден ниту убиен ниту еден Египќанец. Тогаш, и цели ноќи, не се спиеше, но со голема посветеност и знаење, успеав да го заштитам мојот народ, кој за жал и ден денес, не е дел од Уставната Преамбула, која, според мене е извор на дискриминација. Денес, многу ме боли фактот, кога некој наш ученик Египќанец, кога ќе се произнесе како таков, наидува на потсмев, на игнорирање, на негодување. Но, јас ви ветувам дека, тоа прашање, нема така да го оставам, ќе одам до крај, за да живеат Египќаните, слободно, достоинствено во сопствената татковина.

3. Меѓу другото, г-дине Далип, пред извесно време најавивте повлекување, после Локалните избори во 2013 година?

– Охрид, според мене, ќе напредува во секоја смисла, ако граѓаните му дадат шанса на иднината и на новите вредносни системи. Во такви околности, ќе бидам спокоен, и за мојот народ. После толку години, човек сака да се посвети на семејството, не треба да се игнорира фактот, дека Демир Далип, е симбол на опстанокот на Египќаните. Јас, ќе прогласам мирување од мојот ангажман, за да им дадам простор на помладите, во кои не гледам Лидер, Лидер не се создава, тој се раѓа. Кога ќе увидат дека, тоа што сега го констатирам, самиот народ ќе сака да се вратам, но има една убава поговорка, „Кога ќе го изгубиш тоа што го имаш, го бараш назад…“. Јас, секогаш ќе бидам на браникот на мојот народ, дали ќе имам функција или не, асимилаторите од мене нема да куртулат. Ете, тоа ме прави посебен, дури и контрадикторен. Почнаа да се занимаваат повеќе со мене, отколку со тие што на нелегален начин се збогатуваат, преку ноќ. Но, за жал, ова е Македонија. Лично, сум непоправлив оптимист, верувам во нови вредности, новитети и промени, бидејќи секоја промена е природна и е добродојдена, затоа и застанувам на таа позиција. Вие, како нов портал, сте објективни, коректни, и не живеете на и со скандали и измислени состојби. Но, има и такви кои се спремни да уништуваат животи, за бедно да егзистораат. Но, тоа е нивно, има кој да им пресуди. Ви посакувам да напредувате, да нижите успеси, и овој портал да го заземе заслуженото место, во објективното информирање на Охрид, а се надевам и во поддршката на Египќаните и Мултиетнички Охрид.

WebOhrid