29/03/2024
ИнтервјуОхрид

Интервју со претставниците на Египќаните, Петрит Хусеин и Демир Далип

WebOhrid: Г-дине Петрит Хусеин вие бевте легален и легитимен претседател на политичката партија Сојуз на Египќаните која сега е во мирување. Дали пред 4 години потпишавте меморандум за соработка со актуелниот градоначалник Александар Петрески, и доколку сте потпишале, колку е реализирано од тој меморандум?

Хусеин: Точно така, јас бев лидер на политичката партија Сојуз на Египќани и точно дека беше потпишан меморандум за соработка со сегашниот градоначалник иако идеолошки нашата партија Сојуз на Египќани беше десно ориентирана партија. Јас денес со жалење можам да констатирам дека од тој потипишан меморандум не е реализирано ништо. Лично се прашувам како демократски ориентиран лидер која е смислата и причината да не се почитува својот потпис и печат и каква одговорност треба да го сноси господинот Александар Петрески. Поради таквиот неодговорен однос од страна на г-динот Петрески, денес мојот народ Египќаните мораат да се соочат со огромни проблеми и затоа Петрески мора да сноси пред се морална и конечно политичка одговорност. Му порачувам на актуелниот градоначалник да го корегира неговиот израз „разно разни граѓани и здруженија“ со кој се слика д-р Никола Бакрачески, бидејќи тие разно разни граѓани се твои сограѓани кои овој пат нема да ти ја дадат поддршката. Токму затоа овој пат за среќа на охриѓани и за среќа на Египќаните, имаме кандидат во ликот и делото на д-р Никола Бакрачески, кој не само декларативно туку и суштински ги признава Египќаните.

WebOhrid: Г-дине Хусеин вие бевте носител на независна листа за советници, а исто така и вашиот соработник Демир Далип беше подносител на листа за независен кандидат за градоначалник, кои се причините за вашето повлекување?

Хусеин: Јас Петрит Хусеин, имав планирано програма во која бев убеден и сеуште сум убден дека мојот народ кој во Охрид е втор по бројност и реално ќе имавме двајца советници етнички Египќани, кои заедно со подносителот на листата за независен градоначалник г-дин Демир Далип ќе ги интегриравме пред се високо образовните кадри Египќани, но исто така и останатите припадници на мојот народ. За жал јас како демократски ориентиран лидер наидов на недемократски постапки, некоректни, нефер и морам да признаам во име на вистината на крајно насилнички начин, а се со цел некој друг да ги присвои со насилнички методи моите Египќани и на нивни грб да извлече своја политичка бенефиција. Јас јавно прашувам зошто еднаш не го оставаат мојот народ на мир и ние самите да си одлучиме за нашата иднина, морам да истакнам дека и овој пат се оди на манипулирање на мојот народ, а фактот за тоа е дека Египќанец младо неискусно момче е ставен како трето рангиран и истиот служи како мамец за да привлече дел од гласовите на Египќаните, а подоцна придобивки за нив. Истите тие индивидуални изолирани криминогени структури веројатно го имаат притиснато трето рангираниот Египќанец и истиот да шири демагогија и манипулација на Египќаните, а да нема конкретна програма како што имам јас.

WebOhrid: Кои беа мотивите г-дине Демир Далип за поддршка на кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ д-р Никола Бакрачески и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ?

Далип: Јас како екс заменик лидер на една десно ориентирана партија која во скоро време ќе биде активирана заедно со мојот кабинет како и со советот на интелектуалци и заемната комуникација со Египќанскиот народ, одлучивме јасно и недвосмислено да го подржиме кандидатот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ д-р Никола Бакрачески и листата на советници бидејќи нашата програма ќе биде вклучена во програмата на идниот градоначалник д-р Бакрачески. Токму затоа го повикувам мојот народ без страв и достоинствено на 24-ти март да го заокружат бројот 19, а исто така да ја поддржат листата за советници број 4.

WebOhrid