Интервју со Живка Ангелоска – претседател на Советот на општина Охрид

Претседателот на Совет е должен да се грижи за организацијата и работата на Советот, да ја свика седницата и да раководи со неа. Во интервјуто за WebOhrid, претседателот на Совет на општина Охрид, Живка Ангелоска, вели дека надлежноста на Советот како орган на општината е голема и зафаќа различни области, всушност Советот претставува еден вид коректор на работата на Градоначалникот. Ангелоска во интервјуто открива дека во најскоро време ќе започне да функционира канцеларијата на советниците во општината, во која ќе се реализираат отворени денови за непосреден контакт на граѓаните со советниците.

WebOhrid: Најпрво бевте избрана за советник во Советот на општина Охрид, а веќе на втората седница бевте предложена и избрана за претседател на Општинскиот Совет. Како е чувството да се биде на оваа одговорна позиција, претставуваше ли тоа предизвик за Вас?

Ангелоска: Со голем респект кон Вашиот медиум, најпрвин дозволете ми да ја изразам својата благодарност за вниманието што ми го посветивте, како и за соработката во овој краток период откако сум претседател на Советот на општина Охрид. Искрено верувам дека таа соработка ќе ја практикуваме и во иднина и ќе ја издигнеме на уште повисоко ниво. Да се биде советник во градскиот Совет претставува голема чест, но уште поголема одговорност. Секој од нас го делегирала матичната партија, а довербата ни ја дале граѓаните без разлика за која опција се определиле. Токму таа доверба од граѓаните треба да ни претставува основен двигател при преземањето на дејствијата и основен мотив во носењето на одлуките. За Претседател на Советот бев избрана со гласовите на мнозинство од советниците. Гласовите што не ги добив ми претставуваат дополнителен мотив за поголемо сопствено ангажирање и вложување во извршувањето на задачите што спаѓаат во моја надлежност. За секоја функција и воопшто за секој работен ангажман кој го посакуваме најнапред треба да ги имаме во предвид сопствените предзнаења, квалификациите, стручноста, искуството што го поседуваме и описот на работните задачи кои ќе треба да ги извршуваме. Во таа насока размислував кога ја прифатив оваа функција, имајќи го во предвид моето образование како дипл. правник и долгогодишно работно искуство во јавните претпријатија основани од општината. Се надевам дека моето досегашно искуство, максималното лично ангажирање и надоградување, довербата и соработката со колегите во Советот, соработката со граѓаните и секако со Вас медиумите ќе доведат до резултати во извршување на функцијата која ми е доверена.

WebOhrid: Колку е одговорна работата на Претседателот на Совет на една Општина?

Ангелоска: Надлежноста на Советот како орган на општината е голема и зафаќа различни области. Советот е еден вид коректор на работата на Градоначалникот, претставнички орган на граѓаните кои ни го довериле правото непосредно да решаваме во рамките на надлежностите на општината, да расправаме и да предлагаме решенија и заклучоци за материјалите поставени на дневен ред, да предлагаме прописи со кои ќе се регулира одредено прашање од надлежност на општината, да даваме иницијативи и предлози, да поставуваме прашања на Градоначалникот. Претседателот на Советот е должен сето тоа да го искоординира, да се грижи за организацијата и работата на Советот, да ја свика седницата и да раководи со неа согласно Деловникот за работа на Советот и Статутот на општината, да се грижи секој советник да ги остварува своите права но и да ги извршува обврските пропишани со правните акти кои ја регулираа работата на Советот, ги потпишува актите што ги донел Советот. Покрај обврските околу седниците, го претставува Советот на различни манифестации и збиднувања, соработува со Градоначалникот, општинската администрација, со органите на ценралната власт за одредени прашања од надлежност на Советот, развива соработка и разменува искуства со советите на други општини и врши и други работи во непосредна врска со надлежноста на Советот.

WebOhrid: Кажете ни нешто повеќе за оние кои не знаат, што се е потребно за организирање на една седница?

Ангелоска: При свикување на седниците од голема важност е соработката со Градоначалникот, со Одделението за поддршка на Советот и со останатата општинска администрација од чија област се материјалите кои треба да бидат разгледувани на седницата. Материјалите треба да бидат уредно изработени и благовремено доставени до советниците за да може да се дискутира и одлучува по нив.

WebOhrid: Како го одредувате датумот за одржување на една седница, дали претходно се консултирате/координирате со градоначалникот или советниците според нивните обврски?

Ангелоска: Датумот за одржување на седницата најчесто е условен од потребите на општината за донесување на одредени прописи, законските рокови во кои треба да се донесат тие прописи, сето тоа во координација со Градоначалникот од една страна и советниците од друга страна за обезбедување потребно мнозинство за одржување на седницата и полноважно носење на одлуките. Решението за свикување на седницата заедно со материјалите и предложениот дневен ред треба да се достават најдоцна седум дена пред одржување на седницата, време потребно за разгледување на материјалите, да се добијат дополнителни информации со цел активно учество во расправата и донесување решенија што се во интерес на граѓаните. Денот, часот и местото на одржување на седницата заедно со предложениот дневен ред се објавуваат и во локалните средства за јавно информирање. Во случај на ситуации што не можат да се предвидат и планираат можат да се одржат и вонредни седници кои ги свикува претседателот на Советот по сопствена иницијатива или на барање од најмалку 1/3 од членови на Советот.

WebOhrid: Зад вас се шест седници… Што би промениле вие за уште подобро одвивање на една седница, за што ќе се залагате Вие како претседател на Советот на град Охрид?

Ангелоска: Одржани се шест седници, но сепак морам да го изразам своето лично жалење бидејќи на половина од тие седници советниците од советничката група на ВМРО ДПМНЕ веднаш по отпочнување на работата на седниците ги напуштаат истите во знак на протест. И покрај тоа што причината за нивното незадоволство не произлегува од работата на Советот, ниту е во негова надлежност, изразувањето на незадоволството преку напуштање на седниците сепак е демократски чин и јас го почитувам, но искрено се надевам дека уште на наредната седница нашите колеги ќе ни се придружат во советничките клупи, таму каде што не испратија граѓаните давајќи ни ја довербата. Советот е локалниот дом на демократијата, затоа тука очекувам што повеќе конструктивни дискусии, а што помалку политички разединувања, почитување на личноста на секој советник, како и почитување на прописите во Деловникот во смисла на водењето на дискусиите и однесувањето на самата седница. Заедничко за сите нас треба да биде иницирање и донесување одлуки со кои ќе се обидеме да го направиме подостоинствен животот на нашите сограѓани, затоа би сакала заеднички да го поддржуваме она што е добро и да го критикуваме она што не чини, локалните проблеми се заеднички за сите нас и затоа треба да ги решаваме заеднички. Има и такви одлуки кои можеби не ни се допаѓаат, но се дел од законска регулатива и сме обврзани почитувајќи го законот истите да се донесат.

WebOhrid: Каква е соработката со советниците од мнозинството, но и од опозицијата?

Ангелоска: Соработката со советниците без разлика од кои редови доаѓаат е основен предуслов за успешна работа. Демократски е и тогаш кога не размислуваме во иста насока по одредени прашања, секој има право на свое мислење и изјаснување се додека тоа го прави мислејќи дека неговата одлука е во интерес на граѓаните. Треба да работиме на издигнување на таа соработка на што повисоко ниво, ќе повторам, ние сите живееме во иста општина, имаме исти или слични проблеми без разлика за која политичка опција сме се определиле, тие проблеми треба заеднички да ги решиме затоа што тоа им го должиме на граѓаните од кои ја баравме и добивме довербата. До овој момент меѓусебното почитување на советниците е на високо ниво, почитувајќи ја личноста на секој од нив јас искрено верувам дека така ќе биде и до крајот на нашиот мандат.

WebOhrid: Кои се Вашите идни планови, вооедно и Ваша порака до јавноста?

Ангелоска: Во најскоро време ќе отпочне да функционира канцеларијата на советниците во општината, во која ќе се реализираат отворени денови за непосреден контакт на граѓаните со советниците. На овој начин ќе можеме непосредно да ги слушнеме проблемите, предлозите и иницијативите на граѓаните. Двонасочната комуникација со граѓаните за нас советниците претставува можност за разбирање и убедување, но и можност за менување на ставовите под влијание на граѓаните. Влијанието на граѓаните врз одлуките помага во подобрувањето на услугите на општината. Од големо значење се предлозите и иницијативите на граѓаните, јавните трибини и собирите на граѓани кои ги организира општината пред донесување на одредени одлуки, затоа истите треба да се посетуваат и да се искористат за посочување на проблемите. Комуникацијата на Советот со граѓаните е неопходна, затоа сметам дека отворените денови со граѓаните ќе претставува уште еден метод и алатка за доближување на советниците до граѓаните, се со цел постигнување на подобри резултати и решавање на проблемите во областите во кои е надлежен Советот.

WebOhrid