23/04/2024
Охрид

Иван Лотески го фати чесниот крст во Охрид

На големиот водосвет за празникот Богојавление- Водици, меѓу стотината верници кои се фрлаа по светиот крст, најсреќен беше 27- годишниот Иван Лотески од Варош.

„Чувството е прекрасно, за ова живееме преку цела година. Денес јас бев најсреќен, ќе продолжам да скокам и понатака. По Светиот крст во езерските води скокам веќе 14 години, годинава ми се посреќи. Среќа, здравје и бериќет им посакувам на сите и им го честитам овој голем празник.“ – изјави Иван Лотески, среќниот фаќач на крстот.

Настанот кој го следеа неколку илјади граѓани, оваа година беше во организација на Дебарско-кичевската епархија, во соработка со Локалната самоуправа, со поддршка на Јавните претпријатија, Црвен крст, Нуркачкиот центар „Амфора“, како и фаќачите на светиот крст од минатите години.

„Годинава направивме ретко добро организиран црковно-народен собир и на достоинствен начин, масовно го одбележавме големиот празник Богојавление – Водици. Овој настан веќе станува и дел од туристичката понуда, бидејќи секоја година имаме се поголем број посетители. Со денешното чествување, го заокруживме и проектот „Од 20-ти до 20-ти – Сите во Охрид“, за кој сметаме дека ќе ја збогати туристичката понуда за време на зимскиот период.“ – рече градоначалникот Јован Стојаноски, посакувајќи им на граѓаните добро здравје, среќа и бериќет.

На просторот на Сараиште, денес се одржа и традиционалното групно крштевање, а утре на истото место ќе биде одбележан Денот на рибарите.

WebOhrid