20/04/2024
Охрид

Иван Лотески го фати светиот крст во Охридското Езеро

Иван Лотески, Вевчанец по потекло, од охридската населба Варош го фати светиот крст за Водици во водите на Охридското Езеро.

Лотески по вторпат го фаќа крстот на Водици. Во присуство на десетина илјади верници, денеска, на градското пристаниште, беа осветени водите на Охридското Езеро, црковно- народна манифестација која се одржува по повод чествувањето на големиот православен празник Богојавление – Водици.

Во изјава за медиумите, вршителот на должност градоначалник, Константин Георгиески на сите охриѓани им посака да бидат вечно здрави и толерантни еден спрема друг, и додаде „како локална самоуправа направивме се што е во наш домен манифестацијата да биде организирана на едно високо ниво. Мислам дека таа традиција и во иднина ќе се задржи“.

Среќниот фаќач на крстот од страна на Дебарско-кичевската епархија доби на подарок ланче со златен крст, а синот на покојниот градоначалник, Јован Стојаноски, Димитар Стојаноски, во името на локалната самоуправа му врачи рачно изработена икона.

Празнувањата за „Водици“ продолжуваат во 12 часот на Сараиште со групно крштевање и утре, со манифестацијата „Денот на Рибарите“ што ќе се одржи на малиот плоштад кај хотел „Александрија“, каде традиционално ќе биде поделена рибна чорба, греана ракија, пача и вино, а за забавата ќе се погрижи ансамбл ,,Билјана јуниор“.