29/03/2024
Македонија

Иванден одбележан со единствена традиција во Ресен

Традиционално, на уникатен начин денес напладне во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен беше одбележан празникот Иванден. Пред многубројните гости уште еднаш беше прикажан обичајот кој со децении наназад се реализира во овој дел од Македонија. Денот на раѓањето на Св. Јован Кристител 7 јули, или во народот попознат како Иванден, има особено значење во Преспанскиот регион. Иако делови од ова празнување можат да се најдат и на останатата македонска територија, се чини дека на територијата на Ресен и Преспа го има најубавото одбележување.

„Шеста година по ред, Домот на културата „Драги Тозија“ е организатор на оваа манифестација, која не навраќа на нашите корени и традиции, а токму поради таквата вредност е поддржана од Министерството за култура, во годишната програма. Обичајот „Иванка“ е дел од летните обредни празнувања кој е најкарактеристичен за територијата на Преспа. Облекувањето на куклата Иванка, секогаш одговарало со начинот на облекување на локалното население“, рече директорот на Домот на културата Васко Василевски.

Пред присутните гости, беа претставени куклите Иванки, изработени од локалното население, претежно од најмладите. Секој учесник на оваа манифестација, кој изработил кукла Иванка, од градоначалникот на Општина Ресен д-р Живко Гошаревски беше награден со парична вредност од 500 денари. Манифестацијата „Иванка“ беше збогатена и со музичка програма на која настапија Јовче Воденичаровски на гитара, Гоце Милошевски на пијано, Лила Миљовска на пијано и Сандра Чаловска, која настапи на фестивалот Си-До во Битола. На крајот од манифестацијата имаа можност да вкусат од прекрасно подготвеното посно гравче, кое е карактеристична и неизбежна храна на овој ден.