24/04/2024
Македонија

Иванов го прими на проштална средба амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Јацек Мултановски.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во двете земји, случувањата на регионално и глобално ниво, како и за клучните предизвици со кои земјите се соочуваат во надминувањето на актуелните состојби.

Билатералните односи меѓу двете земји се пријателски и бележат континуиран позитивен развој, оценија двајцата соговорници.

Македонскиот претседател изрази благодарност за поддршката што Република Полска ѝ ја дава на Република Македонија во остварувањето на највисоките стратешки цели, полноправно членство во Европската унија и во НАТО.

Во однос на натамошната соработка, претседателот Иванов го истакна интересот и подготвеноста за интензивирање и унапредување на севкупните односи со Република Полска, со акцент на трговската и економската соработка.

Амбасадорот Мултановски се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат, изразувајќи задоволство од вршењето на дипломатската должност во Република Македонија.

Претседателот Иванов изрази задоволство од професионалниот ангажман на амбасадорот Мултановски и неговиот придонес во успешниот развој на пријателските односи и соработка меѓу Република Македонија и Република Полска, притоа посакувајќи му натамошен успех на личен и професионален план.