28/03/2024
Македонија

Иванов: Мигрантската криза е лекција до европската бирократија да сфати дека ЕУ се уште не е Европа, без интегриран Балкан

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во обраќањето во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус” во Лондон, порача дека Европската Унија мора да изнајде нов начин на носење на одлуки во време на криза и потенцираше дека европските земји мора да имаат поголем слух за заедничките безбедносни закани.

„Балканот, за жал останува надвор од Европската унија. Ова искуство со мигрантската криза е лекција до европската бирократија да сфати дека Европската унија се уште не е Европа и не може да зборува од името на Европа. Балканот се уште не е дел од Европската унија. И се додека Балканот не влезе во Европската унија, ЕУ ќе се соочува со ова што сега го имаме. Научивме дека во Европската унија безбедносните служби немаат доверба меѓу себе. Не ги споделуваат информациите, и не постои свест дека постои заедничка закана. Тероризмот не е оној кој бил во шеесеттите, седумдесеттите години. Тероризмот ги користи сите нови технологии, социјални мрежи, користи дури кодирани сателитски врски и секој пат е понапред од било која полиција или разузнавачка служба”, рече претседателот Иванов во обраќањето на тема „Македонија, миграциите и безбедноста: научени лекции”.

„Оставени сами на себе, како држава увидовме дека мора да ги преземеме нештата во свои раце. Македонија најуспешно се справи со мигрантите. Колку што можеше, им помагаше на сите. Многу е лесно да се критикува од неутрална позиција, без да имате одговорност за последиците од сето тоа што се случуваше за време на мигрантската криза”, порача претседателот на Република Македонија.

Зборувајќи за безбедносниот аспект на кризата, претседателот Иванов истакна дека иако балканската мигрантска рута е затворена, илегалната миграција се уште не е спречена и дека криминалните криумчарски мрежи имаат главна улога во генерирање на безбедносните закани за Македонија и Европа.

Претседателот Иванов пред присутните во „Чатам хаус” го образложи планот со кој Македонија успеа да го регулира мигрантскиот бран со еден влез и еден излез. „Се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и армиски структури”, рече претседателот Иванов.

„Тоа наше искуство, подоцна го прифатија и други земји од Балканската рута, и армијата беше таа која и помогна на полицијата во контролата и регулирањето, со што пролетта 2016 Балканската рута се затвори”, рече македонскиот претседател.

Македонскиот претседател истакна дека миграциите не се завршени, бидејќи во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат меѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти.

Претседателот Иванов констатираше дека на балканските држави им е потребна Европската Унија бидејќи луѓето едноставно сакаат правна сигурност.

Во рамки на работната посета на Велика Британија, македонскиот претседател одржа обраќање на престижната Оксфордска унија и оствари средби со спикерите на двата дома на британскиот Парламент.