24/04/2024
Македонија

Иванов на средба со пратеници од групата за француско-македонско пријателство во Националното Собрание на Франција

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими пратеникот г. Бертран Сор, претседател на групата за француско-македонско пријателство во Националното Собрание на Француската Република и пратеникот г. Грегори Галбадон, заменик претседател на групата за француско-македонско пријателство.

На средбата со француските пратеници, беше разговарано за продлабочување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Француската Република преку зголемување на политичката и одбранбената соработка, за натамошната француска поддршка во однос на македонските евроинтегративни процеси, како и за состојбите во Европската Унија.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија е цврсто определена за натамошно зајакнување на пријателските и партнерски односи со Француската Република и ја нагласи потребата од унапредување на економската соработка преку зголемување на инвестициите и трговската размена.

Македонскиот претседател изрази благодарност за досегашната француска поддршка во однос македонската европска перспектива и надеж дека истата ќе продолжи, особено за одредувањето на датумот за почетокот на пристапните преговори со ЕУ, по добиената позитивна препорака од страна на Европската Комисија за Република Македонија.

Во тој контекст, претседателот Иванов нагласи дека паралелно со внатрешните реформи и продлабочувањето на интеграцијата меѓу земјите-членки во самата Европска Унија, неопходно е Унијата да продолжи со политика на проширување за земјите-кандидати од регионот на Балканот, затоа што само на тој начин ќе се зајакне мирот, стабилноста и просперитетот на овој дел од Европа.

На средбата, македонскиот претседател го поздрави динамизирањето на меѓупарламентарната соработка меѓу Република Македонија и Француската Република и изрази подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво.