29/03/2024
Македонија

Иванов-Радев:Бугарија ќе продолжи да ги поддржува евроатлантските перспективи на Република Македонија

Со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, внесовме еден нов дух и нов амбиент меѓу нашите две земји. Покажавме, како треба две соседни земји да ги регулираат своите односи и да ги затвараат прашањата за кои што постои различно сфаќање. Тоа е позитивен пример и за другите земји на Балканот, како треба да се однесуваат меѓу себе и да се поддржуваат и да се помагаат, порача македонскиот претседател, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска престојува во официјална посета на Република Бугарија.

На заедничката прес-конференција со бугарскиот претседател Румен Радев, претседателот Иванов се заблагодари на Бугарија што како претседавач со Советот на ЕУ, го врати регионот на агендата на Европската Унија. Претседавањето на Бугарија со Европската унија е исто така позитивен сигнал за идните претседавачи со Европската унија како треба да се посветуваат на нашиот регион, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија прави се за да ги оствари своите стратешки цели, но дека на тој пат е попречувана од еден свој сосед.

– Се надевам дека и одговорните во Брисел, ќе ја сфатат сериозноста на состојбата и правилно ќе реагираат, како што реагирале во минатото, кога сме имале од регионот билатерални спорови и наоѓале начин како тие да се решаваат. Позитивните искуства мора да бидат применети и за Македонија, истакна претседателот Иванов по средбата со бугарскиот претседател Румен Радев.

Македонскиот претседател изрази надеж дека ќе надвладее разумот, дека преку дијалог ќе се дојде до взаемно прифатливо решение, а не до решение кое е ултиматум за Македонија. Остварувањето на нашите стратешки цели не смее да биде алиби за лоши и штетни договори по Македонија, порача Иванов одговарајќи на новинарско прашање.

За постигнатиот договор меѓу владите на Македонија и Грција, претседателот Иванов го повтори ставот дека не може да прифати акт кој е спротивен на Уставот и законите.

– Сум се заколнал и сум дал свечена изјава дека ќе го почитувам Уставот на Република Македонија. Не можам да прифатам акт кој е спротивен на Уставот и законите на Република Македонија и кој е спротивен на консензусот изграден од државниот врв, порача македонскиот претседател, додавајќи дека иако е надлежноста на Претседателот да склучува меѓународни договори, тој беше исклучен од целиот процес.
PRM_Bugraija_oficijalna_23

Бугарскиот претседател истакна дека Бугарија внимателно го следи процесот на преговорите меѓу Македонија и Грција и дека и натаму силно ќе ги подржува европските и евроатланските интеграции на Република Македонија.

Запрашан за коментар за договорот меѓу Македонија и Грција, бугарскиот претседател Румен Радев истакна дека со евентуалниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција, Република Бугарија нема цврсти гаранции дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Бугарија ќе биде во сила кога ќе имаме Република Северна Македонија. Според него евентуалниот ваков договор ја става Бугарија во ситуација да бара дополнителни гаранции.

– Јас очекувам бугарската Влада и Министерството за надворешни работи како дополнителна гаранција за исполнување на клаузите од нашиот договор меѓу Република Македонија и Бугарија да ги запише договорните одредби во Поглавјето 35 од идната договорна рамка за преговори на Република Македонија за членство во ЕУ. А тоа ќе значи јасни процедури на мониторинг и следење на исполнување, изјави претседателот Радев.

Радев посочи дека Договорот за добрососедство внесе нов дух на пријателство и соработка во односите меѓу двете земји, за што сведочи и динамиката на нивните средби, и истакна дека институциите на двете земји треба да се заложат за поттикнување на соработката во економијата, трговијата, образованието, науката и туризмот.

Претседателот Иванов кој престојува во официјална посета на Република Бугарија на покана на бугарскиот претседател Румен Радев, денеска положи венец пред Споменикот на Непознатиот војник во Софија и оствари средба со претседателот на Народното Собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цвета Карајанчева.

Македонскиот претседател ќе го посети Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, каде е предвидена средба со македонски граѓани, стопанственици и културни дејци кои живеат и работат во Република Бугарија

PRM_Bugraija_oficijalna_5