Иванов: Школата за млади лидери стана препознатлив бренд

Школата за млади лидери стана препознатлив бренд, рече претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на деветтата по ред Школа за млади лидери, што од 20 до 31 август се одржува во Струга.

– Во овие девет години станавме препознатлив бренд. Сите овие години создаваме иднина за младите, но и млади за иднината. Секоја генерација учеше од претходната, а учевме и ние од нив и затоа секоја генерација ја иновиравме и дававме теми што ги преокупираат младите, нагласи Иванов.

Годинава нагласи тој, ќе се говори за лидерство во сите сфери од секојдневниот живот кои се менуваат толку брзо што не можеме да ги следиме индивидуално.

– Посветени сме се што се случува на глобално ниво да го пренесеме на младите кои имаат желба и потреба од знаење. Вие сте дојдени тука да учите и да се усовршувате. Знаењата многу брзо застаруваат, но мудроста е вечна, оние што учат од мудрите ќе знаат секогаш да се снајдат што и да се случи, рече Иванов.

На отворањето на школата се обрати и поранешниот претседател на Латвија, г. Валдис Затлерс, кој на учесниците им порача дека лидерството се заснова врз знаење, искуство, мудрост и креативност. – Сите млади луѓе, според него, во нашето современо општество мора да бидат подготвени да станат кога ќе паднат и да ги надминат неуспесите.

Според него, најважна е креативноста. Таа, како што нагласи е од суштинска важност за еден лидер.

– Може да копирате се што ќе ви се најде, но нема да направите нешто ново. Креативноста кај еден лидер е од суштинска важност, информацијата е знаење без искуство. Искуство е она што го добивате кога не го добивате она што го сакате. Тоа значи дека искусен станувате кога нема да успеете, рече Затлерс.

Школата за млади лидери, како што нагласи, е одлична можност за споделување искуства и вештини за новите лидери. – Ние кои имаме искуство со помалку знаење од вас, треба да го споделиме нашето искуство со вас за да може вие да го примите, истакна Затлерс.

На годинешната Школа за млади лидери, што е лична иницијатива на претседателот Иванов, ќе учествуваат триесетина реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции од Република Македонија, Европа и светот кои ќе ги пренесат своите знаења, искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на школата.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се г. Дејвид Голдсмит, еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, г. Озгур Торт, главен извршен директор на MIGROS Group, г. Штефан Петер, Претседател на Извршниот Одбор на ЕВН Македонија, г-ѓа Пинар Ајваз Арикан, Генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, г. Есер Џевахир, директор на Џевахир холдинг, г. Сани Шенер, Извршен директор на ТАВ аеродроми, г. Бајбарс Алтунташ, претседател на Инвестициониот форум за светски бизнис ангели, г. Дејвид Бекет, TEDx тренер, г-ѓа Снежана Зивчевска – Сталперс, Менаџер на проекти во IBM.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија,Европа и светот.

Оваа година програмата на школата ќе биде фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

Shkola2