28/03/2024
Охрид

Избран најстариот жител и брачниот пар со најмногу години во брак во Охрид и Дебрца

Тмурното и врнежливо време во Охрид, не го попречи доживувањето на „Сончевата есен на животот“, саботен настан кој ги разгали срцата на старите лица, пензионерите и сите оние кои ја исполнија големата сала во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид за да уживаат во програмата подготвена од Црвениот крст Охрид, во рамки на одбележувањето на Неделата на грижа за стари лица.

Под модераторство на актерот Љупчо Тодоровски-Упа со рецитирање на стихови од поезијата на Блаже Конески, на сцената со својот настап блескаа КУД „Далги“ при Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, кои со изведба на дел од постановката „Охридска визита“ ги потсетија присутните на минатото, младите од Драмско-рецитаторската група „Развигорче“ со изведба на хумористични драмски текстови и стихови ја „озрачија“ публиката со својата младост и позитивна енергија, за понатака 8 поети-рецитатори, да ги разнежат срцата на присутните со говорење на поезија на македонски, српски, турски јазик, во придружба на прекрасно гитараско трио на млади волонтери на Црвен крст Охрид. Настанот го заокружи аматерската театарска група „ВДИШИ ТЕАТАР“ при Црвен крст Охрид, која преку духовита и хумористична драмска изведба, во музичка придружба на ансамблот „Билјана Јуниор“, го најави прогласувањето на брачниот пар со најмногу години во брак и најстариот жител во Охрид и Дебрца, избрани по објавениот конкурс на Црвен крст Охрид.

Со долг и громогласен аплауз публиката оддаде почит на избраните:

– брачниот пар Костадина и Душан Лошкоски од с. Оровник, општина Дебрца, кои во брак стапиле на 15 февруари 1949 година и со 66 години поминати во брак се брачен пар со најдолг брачен стаж во општините Охрид и Дебрца, од пријавените на конкурсот;

– на најстариот жител Мирко Иваноски од Охрид, роден на 17 ноември 1919 година кој со 96 години старост е најстар жител во општините Охрид и Дебрца, од пријавените на конкурсот.

На брачниот пар со најмногу години во брак и на најстариот жител во Охрид и Дебрца, но и на сите останати кои се пријавија на конкурсот, од страна на младите волонтери на Црвен крст Охрид им беа доделени соодветни признанија и подароци.