28/03/2024
Охрид

Избрани најубаво украсените новогодишни дворови

Со доделувањето на наградите за најуспешните натпреварувачи, заврши годинашната акција за најубаво украсен Новогодишен двор за 2018 година. На најуспешните, секретарот на Општина Охрид, Игор Бежоски им врачи пофалници и парични награди. Во натпреварот учестуваа дванаесет наши сограѓани.

Првото место му припадна на Наумче Неданоски, второто место е за Марјан Шапкаровски од Велгоши, а третото место го освои Македонка Дервушоска.

„Декември и јануари се најукрасените и најблескавите месеци во годината, во кои секој од нас, не постои семејство кое не се труди барем малку да го украси својот дом, меѓутоа најголем дел од нас ги украсуваме внатрешните делови од нашите домови. Посебно мене лично, ме радува фактот што од година во година се поголем е бројот на граѓани кои покрај внатрешните делови вршат украсување и на надворешниот дел од своите станови и куќи, почнувајќи од прозорите, терасите, па и своите дворови. Ние знаеме да кажеме дека Охрид е најубав град во Македонија, а на овој начин со украсувањето, граѓаните ни помагаат во интенцијата Охрид да биде и најукрасен град во Македонија.“ – изјави секретарот на Општина Охрид, Игор Бежоски.

Прво место
Второ место
Трето место

Наградниот фонд изнесуваше 20 илјади денари, од кои 10 илјади за првонаградениот, 6 илјади за второто и 4 илјади за третото освоено место.

„На оваа акција која е дел од Програмата на Локалната самоуправа се пријавувам по втор пат, меѓутоа со украсување имам започнато одамна. Минатата година учествував и освоив второ место, за што сум благодарен и тоа ми даде еден поттик за понатамошно украсување. Ние имаме долгогодишна традиција да украсуваме, знаејќи дека со тоа што го украсуваме својот двор, ја украсуваме и околината, нашата населба и градот. Поттик им даваме и на другите, поради што по нашата улица врват многу минувачи, особено оваа година сите застануваа и сликаа, особено огромниот Дедо Мраз висок 4 метри. Сето тоа ми дава поттик и за понатаму во иднина да го украсуваме дворот.“ – изјави првонаградениот Наумче Неданоски.

WebOhrid