29/03/2024
Македонија

Јанушев: Мицкоски ја прекинува работната посета во Италија, бараме итна лидерска средба за името

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Премиерот Заев и владата во континуитет демонстирааат дисонтантни тонови во однос на преговорите за името. Тие на почетокот имаа ставови за непромена на Уставот и задолжително одржување на референдум, но во периодот кој измина гледаме како овие ставови не само што бледнеат туку и истите се напуштаат.

Евентуалното постигнување на договор помеѓу Република Македонија и Република Грција би било чин на заеднички компромис, што подразбира и грчката страна да отстапи од некои свои позиции и барања. Но такво чувство не постои, и се чини дека единственото попуштање и ретерирање во ставовите е она од македонска страна. За сето ова единствените информации кои ги има јавноста и партиите се оние кои ги добива од грчките медиуми, и по некој неформален брифинг кој излегува во дел од македонските.

Единствените информации кои ВМРО-ДПМНЕ ги има добиено од владата која ги води преговорите за името се оние добиени на лидерската средба која се одржа во месец јануари оваа година во клубот на пратеници, и билатералната јавна средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која се случи со почетокот на месец март во просториите на Владата на Република Македонија. Од тогаш до денес, ВМРО-ДПМНЕ не е запознаена со аспектите ниту новите детали од разговорите кои ги води Владата на Заев и грчката страна во преговорите.

Имаме дипломатија која се движи по линија на егзибиционизам. Остануваат само позитивните тонови и изјави на Заев, а според неофицијалните информации работите во реалноста се движат во непосакуван правец.

Јавноста е во исчекување, а граѓаните имаат право да знаат што македонската влада прифаќа уште пред да има официјален договор за тоа, бидејќи за Македонија нема посуштинско прашање од прашањето за името.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Христијан Мицкоски ја прекинува својата работна посета на Република Италија и средбите кои што ги имаше со македонската дијаспора и веќе е на пат за Македонија. Потребни се одлуки.

Бараме итна лидерска средба која би се случила уште во текот на утрешниот ден, и на која би присуствувал и претседателот на државата господинот Ѓорѓе Иванов, а на која премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Димитров би ги соопштиле деталите и насоките по кои се движат разговорите за името, за да може јавноста да биде информирана но и партиите да заземат став по однос на ново настанатата ситуација.

Зоран Заев иако е премиер, тој го нема монополот во името на целата држава, власта, опозиција, политички определените или неопределените да одлучува за ова најважно прашање, а евентуалниот договор, да биде ставање на целата држава пред свршен чин.