25/04/2024
Македонија

Јавен повик за доделување парични средства за организирање на активности

Министерството за образование и наука објави јавен повик за доделување на грантови за основните и средните училишта кои ќе реализираат заеднички наставни и воннаставни ученички активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката  интеграција и толеранцијата, а кои можат да се реализираат самостојно во училиштето во кое наставата се реализира на повеќе наставни јазици или во партнерство со друго училиште.

Основната цел на овие грантови е промовирање на добрите практики за активности во кои се негуваат хармонични односи кои се темелат на почитување на разликите, и притоа градејќи едно мултиетничко и мултикултурно општество со што се овозможува градење на современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.

Грантовите во висина до 30.000,00 денари ќе бидат доделени на 90  училиштата (65 основни училишта и 25 средни училишта) кои ќе бидат селектирани со рангирање од Комисија за вреднување на пристигнатите апликации согласно одредените критериуми.

Документи:

1. Повик за аплицирање за грант

2. Насоки за аплицирање

3. Апликација за грант

4. Писмо за поддршка – училиште

ЈАВЕН ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ ПАРИЧНИ СРЕДСТВА
ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА АКТИВНОСТИ КОИ ПРИДОНЕСУВААТ ЗА РАЗВОЈ И УНАПРЕДУВАЊЕ НА МУЛТИКУЛТУРАЛИЗМОТ, МЕЃУЕТНИЧКАТА ИНТЕГРАЦИЈА И ТОЛЕРАНЦИЈАТА

Министерството за образование и наука согласно чл. 34в од Законот за основно образование(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/08, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 42/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14,  10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16 и 67/17), и чл. 24в од Законот за средно образование(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/199, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/08, 92/208, 33/10, 116/10, 156/10, 18/11, 42/11, 51/11, 6/12, 100/12, 24/13, 41/14, 116/14, 135/14, 10/15, 98/15, 145/15, 30/16, 127/16 и 67/17) објавува јавен повик за доделување парични средства (во понатамошниот текст „грант“) за организирање на активности во основните и средните училишта кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката  интеграција и толеранцијата.

Активности за кои е наменет грантот: Заеднички наставни и воннаставни ученички активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката  интеграција и толеранцијата кои се реализираат самостојно во училиште или во партнерство со друго училиште пропишани во чл. 34 став 2 од Законот за основно образование и чл. 24 став 2 од Законот за средно образование.

Време на реализација: Активностите поддржани од грантот треба да бидат планирани во Годишната програма за работа на училиштата и да се реализираат заклучно со крајот на наставната 2017/2018 година.

Максимален износ на грантот: до 30.000 денари
Во основните училишта ќе бидат одобрени грантови на највисоко-рангираните 65 училишта, додека во средните училишта ќе бидат одобрени грантови на највисоко-рангираните 25 училишта.

Учество на училиштето: Предуслов за одобрување на грантот е финансиско учество на училиштето од минимум 10% од вкупниот износ на грантот. Средствата можат да бидат обезбедени од страна на училиштето, општината, бизнис заедницата или родителите.

Дополнителните информации за подготовка на апликацијата можете да ги најдете во документот 
Насоки за аплицирање за грант“.

Доставување на апликација:

Скенираната апликација за грант и писмо за поддршка(апликацијата за грант и писмото за поддршка треба да бидат архивирани и потпишани од директорот), се испраќаат на  адресата: grantintegracija@mon.gov.mk, најдоцна до 21 декември 2017 година.

Забелешка: Испраќањето на апликацијата не подразбира автоматско одобрување на грантот. Некомплетните апликации и апликациите кои не ги задоволуваат критериумите за евалуација на апликации 8 и 9, нема да бидат земени предвид при изборот.

Одобрување на апликации:

1. Евалуација и рангирањето на доставените апликации ја врши  Комисија формирана од министерот за образование и наука, според долунаведените критериуми;

2. Листата за избраните училишта за одобрен грант ќе биде објавена на страната на Министерство за образование и наука, најдоцна до 31 јануари 2018 .

Планираните активности во апликацијата можат да започнат да се реализираат исклучиво по добиено решение за одобрен грант од страна на МОН и отворена наменска сметка.

Критериуми според кои се врши евалуација на апликациите

План на активности
  1.    Планираните активности се согласно критериумите за заеднички ученички активности на МИО;
  2.    Целите се јасно дефинирани и остварливи;
  3.    Активностите овозможуваат интеракција и соработка меѓу учениците;
  4.    Активностите овозможуваат минимум три средби на учениците во текот на реализацијата на една активност;
  5.    Број на вклучени ученици во планираните активности;
  6.    Број на вклучени родители во планираните активности;
  7.    Одржливост на активности.
План на трошоци за грант
  8.    Планираните трошоци се наменски и согласно планот на активности;
План на трошоци за финансиско учество на училиштето
  9.    Обезбедени се минимум 10% финансиско учество на училиштето.

Секое училиште кое ќе добие грант за организирање на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката  интеграција и толеранција е должно до крајот на учебната година да го достави Извештајот  за реализираните активност до Министерството за образование и наука.