29/03/2024
Дебрца

Јавна расправа за проектот „Реконструкција на улици во село Мешеишта“

Синоќа во општинската зграда во Мешеишта со жителите се одржа Јавна расправа за проектот „Реконструкција на улици во село Мешеишта“, чија проектна вредност изнесува околу 170. 000 евра и Проектот „Подобрување на капацитетите и обезбедување на квалитетни и оддржливи комунални услуги на јавното комунално претпријатие Дебрца“ (набавка на механизација за претпријатието), чија проектна вредност изнесува околу 130.000 евра или вкупно 300.000 евра. Жителите едногласно ги поддржаа и двата проекти, кои ќе бидат финансирани со средства од ЕУ ИПА грантот и се очекува да бидат имплементирани до крајов на летото оваа година.

„Присутните ги информирав и за другите проекти кои се планираат за село Мешеишта како што се: санација на општинската зграда и нејзино ставање во функција на граѓаните, реконструкција на Основното училиште и инсталација на централно греење (аплицирано во Биро за регионален развој), поставување на лед рефлектори на спортскиот полигон, решавање на проблемот со атмосферските води по улицата „Романка”, изготвување на проектна документација за доизградба на фекалната канализација, проектна документација за изградба на патот до Црквата „Св. Илија“, на Илинче. Сите овие активности очекувам да бидат реализирани во текот на оваа година. Од присутните беа нотирани и други приоритети, како што се : асфалтирање на некои улички, тампонирање на полски патишта, решавање на проблемите со приклучувањето на Автопатот кој е во изградба.“- вели градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Како што вели Ногачески, и во наредниот период приоритетите и за Мешеишта и за сите други села во општината ќе ги дефинираат на вакви заеднички средби со граѓаните.

WebOhrid