20/04/2024
Охрид

ЈУНП Галичица воведе контролирано движење во шумата и шумските појаси во границите на Паркот

Со оглед на зголемената опасност од пожари на отворен простор, во согласност со член 57, став 3, од Законот за шуми, ЈУНП Галичица воведува контролирано движење во шумата и шумските појаси во границите на Паркот. Контролираното движење започнува на 09.08.2019 година и ќе трае се до промена на одлуката.

По тој повод ЈУНПГ ги известува сите посетители, поединци, групни посети, туристички агенции и други љубители на природата, дека движење низ паркот во шума и шумски појаси ќе се одвива само со дозвола издадена од дирекцијата на паркот од службата за заштита од појавување и справување со пожари. Не се обврзани да бараат дозвола оние кои го користат само асфалтниот пат и поминуваат низ паркот без задржување и напуштање на асфалтниот пат.

Со цел за да можат посетителите несметано и онака како планирале да го посетат паркот, службата на ЈУНПГ им излегува во пресрет да им го олесни набавувањето на дозволите. Сите ќе можат по електронска пошта на nnoveski@gmail.com да ги испратат следните податоци по можност еден ден порано од планираната посета:

  1. Скенирани лични карти на водичите на групите или скенирани лични карти на поединци посетители на паркот.
  2. Точна релација на движење на групата/поединците.
  3. Час на влегување во територијата на Паркот и напуштање на истата.
  4. За групи без официјален турустички водич потребно е да се назначи одговорен на групата со име и презиме.

Службата на Паркот врз основа на добиените податоци ќе ја изготви дозволата за движење која ќе биде испратена на конкретната електронска пошта.

Напомена:

  1. Имателот на дозволата е должен за време на целиот престој да ја има со себе.
  2. Имателот е одговорен за однесувањето на целата група при евентуално предизвикување на пожар.
  3. Да не се менува релацијата на движење нити да се пречекорува времето на посета кои се нагласени во дозволата.

Контролата на движење на посетителите ќе ја вршат: вработените во паркот, Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција.

За дополнителни информации посетителите можат да се обратат на 075 282 201