Ќе биде изготвен Акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО

Општина Охрид ќе ги преземе сите активности во согласност со законските прописи, со цел да се исполнат задолженијата кои Владата на Република Северна Македонија им ги додели на општините, за подобро и поефикасно спроведување на Препораките од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кои се во насока на зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско наследство.

Општинските надлежни служби ќе ги разгледаат законските можности во однос на владината препорака за прогласување на мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство.

По налог на градоначалникот Константин Георгиески, во рок од 10 дена ќе биде изготвен Акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО. Веднаш по изготвувањето, овој план ќе биде ставен на дневен ред на седница на Советот на Општина Охрид.

Во текот на целокупниот процес, Локалната самоуправа ќе биде во постојана координација и комуникација со Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со останатите надлежни државни институции, а јавноста ќе биде навремено и детално информирана.