25/04/2024
Македонија

Ќе се подобрува системот за сметководствени податоци на земјоделските стопанства

Прецизни податоци за рентабилноста на фармите, производствените трошоци и остварените приходи, треба да овозможи проектот за „Финализирање на мрежата на сметководствени податоци од земјоделски стопанства (ФАДН)“.Проектот за надградба на ФАДН, денеска го презентираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со раководителот на Секторот за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Никола Бертолини, амбасадорот на Р. Италија, Карло Ромео, Амбасадор и амбасадорот на Р. Полска Јацек Мултановски.

Проектот е во вредност од 800.000 евра и е финансиран од Инструментот за претпристапната помош, ИПА, на Европската унија.

ФАДН е мрежа на сметководствени податоци од земјоделските стопанства која со новиот проект во претстојните 18 месеци ќе се унапреди според новата регулатива на ЕУ. Практично ќе се подобри, како што беше речено на презентацијата, користењето на ФАДН податоците за потребите на националната земјоделска политика.

Проектот ќе го се спроведува МЗШВ во партнерство со италијанското Министерство за земјоделство, прехрана и шумарство, Италијанскиот национален совет за земјоделско истражување и анализа на аграрната економија и полскиот Институт за земјоделска економија и храна.

„ФАДН е единствена база за економско-финансиски податоци од земјоделските стопанства во земјава. Нејзиниото подобрување ќе значи можност за креирање ефикасни земјоделски политики, следење на трендовите и промени во аграрниот сектор во насока на поголеми приходи од што придобивка ќе имаат земјоделците. Надградениот систем со помош на овој проект, ќе обезбеди прецизни податоци за тоа колку една фарма работи рентабилно, колкави се производствените трошоци за одредена култура, а колкави се приходите. Ваквите податоци се важни за креирање на ефикасни земјоделски политики, за следење на трендовите, за одредени промени во земјоделскиот сектор во насока на поголеми приходите на земјоделските стопанства, од што придобивка ќе имаат самите земјоделци“, изјави министерот Николовски.

При тоа, министерот Николовски посочи дека ФАДН е централен инструмент за следење на економскиот развој на земјоделството и земјоделските стопанства во земјите членки на Европската унија и затоа, едно од барањата во процесот на прилагодување на институциите кон ЕУ е воспоставувањето ваква национална мрежа за прибирање сметководствени податоци од земјоделски стопанства.

Никола Бертолини од Делегацијата на ЕУ најави промени на европските аграрни политики поради Брегзит. Како што рече, овој процес ќе влијае врз буџетот, а тоа ќе значи дека со помалку средства земјите мора да бидат поефикасни.

Амбасадорите на Италија и Полска, Карло Ромео и Јацек Мултановски, изразија задоволство што нивните земји ќе можат да ги пренесат ЕУ-искуствата во Македонија.