Кирацовски од Прилеп и Охрид: Имаме шанса да обезбедиме влез во НАТО и ЕУ со обезбеден идентитет, да кажеме ДА за македонската иднина

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, придружуван од организациониот секретар на партијата, Миле Зечевиќ вчера беше во посета на Охрид и Прилеп каде што се сретна со граѓани, членови, активисти и поддржувачи од овие градови.

Пред присутните, Кирацовски зборуваше за досега оставрените мерки и проектите во реализација што обезбедуваат повеќе пари кај граѓаните и поквалитетен живот за сите.

„Како Влада и парламентарно мнозинство работиме на обезбедување на повеќе пари и достојни услови за живот на сите граѓани, а особено на земјоделците. Оваа година тутунот достигна рекордна просечна цена од 217.5 денари. Над 20.000 тутунари добија повисоки субвенции и тоа 80 денари за прва, 70 денари за втора и 60 денари по килограм за трета класа тутун. Тоа значи повеќе пари во семејните буџети за достоинствен живот. Со изградбата на експресниот пат Прилеп – Градско ќе се создадат услови за побрз и побезбеден транспорт во овој дел од државата, а тоа позитивно ќе влијае и врз локалниот економски развој“, порача Кирацовски. 

Генералниот секретар Кирацовски се осврна и на Договорот којшто става крај на долгогодишниот спор со Грција, како и перспективите што се отвораат по неговата ратификација во Собранието.

„Имаме навистина историски Договор, којшто е поздравен од целиот демократски свет. Со тој договор се зајакнува и гарантира нашиот идентитет. Македонски јазик, Македонец, македонско оро се загарантирани и никој нема да може да ги оспорува. Како генерација имаме единствена шанса да обезбедиме членство во НАТО и почеток на преговори, а потоа и полноправно членство во ЕУ. Да не ја испуштиме, туку на референдум да кажеме ДА за влез во ЕУ и НАТО, да кажеме ДА за гарантиран македонски идентитет, ДА за нашата, македонска иднина“, повика Кирацовски.