20/04/2024
Македонија

Коалицијата „Заедно за европска Македонија“ во Скопје

„Блиску сме до остварување на сонот. Ни остана само уште последната делница од патот. Уште едно патување: Нашето заедничко патување до остварување на сонот за европска Македонија“, истакна премиерот Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.

Во својот говор тој потенцираше дека членството во НАТО е нашата сигурна иднина, иднина на безбедност, стабилност и мир. Членство  во сојуз за иднина во која никој не може да ги загрози границите на Македонија, рече Заев, и додаде:

„Патриотизам е да ја осигураме иднината на нашата земја и нашите деца, Tука создаваме можности за нашите синови и ќерки – во Македонија. Тоа e патриотизам. Патриотски е да се осигураме дека нашата следната генерација има иднина тука, дома“!

За таквата иднина е постигнат договорот со Грција, рече премиерот Заев, и нагласи дека во таа иднина, како и досега, се потврдува дека влегуваме во НАТО и ЕУ како Македонци и Македонки кои зборуваат македонски јазик.

„Гордата македонска земја се здоби со целосно признавање на нашиот народ, нашиот јазик, нашето наследство. Нашиот јазик е заштитен. Нашиот идентитет е обезбеден засекогаш. Во четвртокот, одржав говор во Европскиот парламент.Одржав говор во срцето на Европската Унија на македонски јазик. На нашиот македонски јазик, кој ќе биде официјален јазик на Европската унија“, потенцираше премиерот Заев.

Тој порача дека сега е време сите да излеземе да гласаме и дека нема друг да ни ја заврши работата. Граѓаните се архитекти – градители на македонската иднина – секој граѓанин на 30 септември да стави по една тула во иднината на европска македонија!

„Нема коцкање со нашата иднина! Никој не може да си дозволи да остане настрана. Затоа ве повикувам: Сите имаме јасна и конкретна, граѓанска и родителска должност. Македонија ќе оди напред само доколку и јас, и вие, и вашите најблиски, комшии, пријатели – сите заедно, да излеземе и гласаме на 30-ти септември“, рече премиерот Заев и додаде дека нашата земја и нашата иднина не се на ВМРО или на СДСМ, и дека таа и нејзината иднина им припаѓаат на сите нејзини граѓани!

Премиерот Заев им порача на сите граѓани, на Македонците, Албанците, Србите, Бошњаците, Ромите и Власите, и на сите други:

„Да го направиме 30 септември свечен ден. Облечете ги вашите најубави облеки, ставете ја вашата најубава насмевка, во едната рака земете го вашиот најмил или најмила, а во другата – иднината. Такви убави, најубави, излезете на вашето референдумско место и гласајте горди за нашата земја, за вашата и за иднината на вашите деца и идните генерации. Секој ваш глас е битен“, нагласи Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.

Во својот говор тој се обрати и до опозицијата и повика да бидат закопани политичките и индивидуалните суети, и да повикаат да се излезе и да се гласа за европска Македонија
Во завршницата на својот говор премиерот Заев дека да се излезе на референдумското место на 30 септември е избор за семејство на ЕУ и НАТО или избор за изолација и целосна неизвесност. За небиднина!

„Тоа е избор за сигурност и безбедноста, или избор за немир и нестабилноста.Тоа е избор за раст на економијата или за стагнација. Тоа е избор за исполнување на нашиот сон од иднината – иднината за нашите деца, внуци и за сите идни генерации. Гласот на 30 септември е глас за иднината на наша Македонија“, порача премиерот Заев на централниот настан на кампањата на Коалицијата “Заедно за европска Македонија” во Скопје.


Интегрално обраќање на премиерот Зоран Заев:

Е ова е нашата земја македонска, е ова е европска Македонија.

Ви благодарам почитувани мои сограѓани за оваа огромна масовност. Овие илјадници наши граѓани излегле овде, ден недела, да испратат една многу сериозна порака во вистинско време на вистинско место. Ви благодарам што дојдовте поради пораката од денешниот ден, а пораката е, сакаме иднина, сакаме европска Македонија.

Почитувани граѓани, сите ја чувствуваме одговорноста во времето во коешто живееме.

Ова е одговорност на нашата генерација. Ова е одговорност токму на нас. Од нас зависи иднината на нашата Македонија. Од нас зависи иднината на нашите деца, и иднината на децата што доаѓаат после нашите деца.

Никој друг за нас не може да ја донесе оваа одлука. Но јас знам, нашиот народ, нашиот мултиетнички народ, во нашата заедничка, убава Македонија е исправен сериозно прекрупна одлука, и знам дека ќе се носи со сериозноста на одлуката.

Ќе обезбедиме иднина на нашите деца, ќе обезбедиме европска Македонија.

Не беше пред еден век, 8-ми Септември 1991 година. Тогаш, нашиот народ, обединето, сплотено, заедно, здружено, донесе одлука. Гласаше за нашата независност. Исполни вековна аспирација на нашите дедовци и прадедовци. И тогаш не беше лесно. И тогаш имаше дилема. Дали ќе не биде. Дали некој ќе се намерачи на нашата земја.

Како ќе обезбедиме греење на градинките и училиштата во нашата држава? Како ќе одиме напред како другите земји, а немавме национална валута? Се уште многу прашања беа поставени пред нас. Но луѓето гласаа со разум. Гласа со љубов за својата земја. И излегоа во огромно мнозинство, сплотени и донесоа одлука,  со којашто и тогаш и ден денес, сите се гордееме.

Гласаа за независна Република Македонија.

Јас бев млад. Имав 17 години. И слушав и во мојата Струмица, и во мојата Македонија, како имаше озарени лица, џагор, радост, среќа. Затоа што сме отвориле душа и срце, и сме донеле исправна одлука. Сме обезбедиле парче грутка земја за генерациите што доаѓаат.

И од тогаш наваму, и јас , како тогашен млад човек, заедно со сите граѓани, сонуваме еден сон, кој што денеска има голема шанса да стане наша реалност. Сонувавме за земја која ќе биде рамо до рамо со сите модерни развиени демократски земји, каде што децата ќе имаат перспектива, добро образование, квалитетно здравство, каде што ќе има економски раст и развој, каде што ќе има прогрес, каде што ќе има насмеани и озарени лица. Сонуваме сите, почитувани сограѓани, 27 години, и еве денеска донесовме крупни одлуки, и денеска сме исправени, конечно да го оствариме овој наш сон. Конечно сите заедно да ја зграпчиме оваа уникатна шанса, конечно да излеземе и да се исправиме пред предизвикот на нашата генерација, конечно да обезбедиме европска иднина за нашите деца, за генерациите после нас.

Ова наше заедничко патување, сиве овие 27 години, е на дофат на остварување, за сонот наш заеднички за европска Македонија. Сите генерации од почетокот на независна Македонија, зборуваа за перспективите од Европската Унија и НАТО. Не постоеше собир во Скопје или било каде во Македонија, кога се ветуваше Европска Унија и НАТО, затоа што тоа се нашите стратешки цели.

Нашите стратешки определби. Тоа се прашања зад кои што стоиме сите. Сите граѓани по етничка определба, сите граѓани по политичка определба, сите граѓани по верска и културолошка определба. НАТО и ЕУ не поврзува сите. Затоа, оваа аспирација, конечно имаме шанси да ја зграпчиме и да бидеме горди оти сме успеале.

Кога стана веќе јасно дека политичарите во државата, и институциите, Влада, Парламент, почнаа да носат исправни одлуки.  Откога стана јасно дека си го обединивме општеството, се сплотивме дома сите со нашата убавина на различности кои што ја има само Македонија од целиот свет. Кога стана јасно конечно дека сме решени да ги отстраниме пречките, кои што не кочеа сиве овие 27 години, да склучуваме договори, да градиме пријателства, почнаа и параметрите во државата да се дигаат. Конечно после години имаме раст од 3,1 % на БДП, имаме зголемен извоз за 17% во првото полугодие во споредба со лани.

Имаме намалување на невработеноста во државата од 21,7 на 21,1 %. Имаме зголемување на вработеноста на младите за 7,2 %, и имаме за едно полугодие 325 милиони евра странски инвестиции. Три пати поголеми од лани истото време. Имаме раст и развој, а само во најава е иднината на која што толку и се радуваме, и толку ја очекуваме.

Можете ли да замислите почитувани граѓани, какво ќе биде темпото, каква ќе биде динамиката, колку ќе биде растот во државата, колку ќе има странски инвестиции во Македонија?

Можете ли да замислите, колку брзо ќе паѓа невработеноста во Македонија, можете и да замислите колку брзо ќе се враќа среќата во државата? Можете ли да замислите дека ќе ја спречиме конечно миграцијата на младите луѓе од нашата убава Македонија.

Затоа почитувани мои сограѓани, патриотизам е да си ја осигуриме иднината на нашата земја. ЕУ и НАТО се единствениот пат по кој што сака, може и треба да се движи Македонија.

За нас не постои алтернатива, затоа што за нас тоа е нашата надеж, затоа тоа е нашата верба, затоа што тоа е нашата мотивација, затоа што тоа е нашата водилка за подобар живот, на сите граѓани, овде, во европска Македонија.

Затоа, почитувани сограѓани, поучени од сите овие 27 години, како се преговарало, колку пати имало неправди, како сме биле закочени, итн итн.

Донесовме одлука храбро да влеземе ние нашата одговорност ја презедовме и јас и владата што ја водам и нашиот парламент донесовме одлука, не калкулиравме никако, затоа што пред се и пред сите наши политики и пред нашите политички партии ја ставивме Република Македонија, после 27 години поучени склучивме договор решивме спор, добивме пријател, донесовме договор конечно после 27 години со Република Грција.

Почитувани пријатели, мора сите да знаеме дека договорот е фер и праведен и двете страни подеднакво добиваат. Некој вели еве ја опозицијата и во Грција и во Македонија се нешто се противат и двете страни, значи исто сме добиле или исто сме изгубиле, јас ве уверувам дека со договорот со Грција, двете страни добија и ништо помалку овој договор обезбедува перспектива, пријателство, интеграција, среќа, економија, инвестиции, развој, обезбедува европска иднина.

И видовте дека направивме компромис, затоа што само компромисот може да не мрдне од мртва точка, само преку компромис може да има напредок, доста беше калкулирање во државата, знаат и малите деца дека мораше и мора да се реши прашањето со името со Грција. Затоа донесовме храбра и државничка одлука, затоа знам дека и нашиот народ ќе донесе исправна, државничка, татковинска, родољубска, историска одлука за Република Македонија.

Прифативме додавање на зборчето „северна“ во нашето уставно име, и сите знаат дека тоа е факт, и сите знаат дека тоа правично, од историска Македонија, ние сме северниот, горниот дел. Учевме дека има Егејска и Пиринска Македонија, и сега што ќе го нападнеме Солун, ќе освојуваме во 21 век други земји.

Не, почитувани пријатели, Македонија сите етнички граѓани е определена да ги отвори границите, да гради пријателство, да подава рака, да создава иднина, затоа донесовме храбра одлука, и отидовме знаејќи дека мораме едно да заштитиме, да го заштитиме нашиот македонски идентитет, и не само што успеавме, успеавме ем да го заштитиме нашиот идентитет и јазик, туку и да го потврдиме и да го зајакнеме. Грција го призна нашиот македонски јазик, Грција го призна и го прифати нашиот македонски идентитет, најдовме формула како да се признаеме на темелите на минатото да градиме иднина, испишавме европска историја.

Затоа почитувани граѓани, да бидете горди, затоа што имаме најдобар договор на свет, подобар не може никој, никој да добие. Договорот ги исполни вековните аспирации на нашите татковци, дедовци и прадедовци. И кога се бореле во Крушево на Илинден и кога се бореле во Народно ослободителна броба и кога се радувавме за независноста на Македонија, конечно добивме држава признаена од сите, од целиот свет, во којашто живее доминантно македонски народ признаен од целиот свет, којшто зборува македонски јазик признаен од целиот свет, никој повеќе не не спори, не призна целиот демократски свет, не призна Европа, не призна светот.

Ја приметивте мојата среќа и маѓепсаност во моето лице и гордоста што ми ја овозможи Европскиот парламент. Премиер на мала Македонија, да зборува на Македонски јазик и да добие стоечки овации од десничарите, левичарите, либералите, зелените политички партии, сите. Имаме можност пред Европа да зборуваме за европските вредности, за нашата верба во модерна и демократска Европа.

Почитувани граѓани, ова е голема чест и можност за сите нас, за сите граѓани во Република Македонија. Ајде да не дозволиме да ја разочараме таа доверба што ни е дадена од сите наши големи пријатели ајде со гласање ЗА на овој референдум, да му покажеме на светот дека го почитуваме пријателството и ја почитуваме подадената рака.

Сакам во оваа прилика неповторлива, во оваа прилика кога Македонија овде на оваа улица и крајот не и се гледа, да ги поздравам сите што се овде, и да ја искористам можноста да се заблагодарам како Македонец, на нашите сограѓани Албанци, на нашите сограѓани Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, сите во оваа наша убава мултиетничка Македонија. Ви благодарам за солидарноста, ви благодарам што имавте разбирање за нас Македонците, борејќи се за нашиот македонски идентитет. Сакам да ве уверам, дека ако беше загрозен албанскиот идентитет ќе се борев исто како и за македонскиот идентитет, исто ќе го направев и за турскиот идентитет, и за српскиот и за ромскиот, и за бошњачкиот и за влашкиот, и за сите.

Оваа ваша солидарност, оваа ваша демонстрација на единство, ја прави Македонија тоа што е, ја прави Македонија и јас и вие да се гордееме до небо, да држи лекција на различна обединета Европа, да каже дека ова е Европа во мало, ова ваше солидарно и европско однесување е најсилната гаранција дека Македонија ќе биде и членка на НАТО и членка на Европската Унија.

Почитувани граѓани, вие граѓаните сте архитектите на иднината на нашата земја. Вие сте градителите на наша Македонија. Дојдоа пријатели од цел свет и ни кажаа јасно и гласно појасно здравје, зборуваа на Македонски јазик, кажуваа “Ве чека НАТО, ве чека Европска Унија, ви нудиме пријателство, ви нудиме соработка, конечно сакаме да споделиме со вас се што имаме и вредности и перспективи, и слабости но и предности”, да бидеме рамо до рамо сакаа да ни кажат, секој од големите светски лидери којшто дојде во Македонија и ќе доаѓа до референдумот, да ни понудат иднина, да ни понудат перспективи, затоа ние сме тие коишто треба да им одговориме, сите на многу внимателен јазик кажаа “Ние сме тука за вас, но зависи од вас, од вашата одлука”, некои ни кажуваа дека клучот е во нашите раце. Кај нас граѓаните, клучот од портите на НАТО и ЕУ се токму кај нас.

Почитувани граѓани, ние сме градителите, неимарите, архитектите на нашата иднина, видовме за 27 години се, видовме и победи и подеми, видовме и среќа и жалост во оваа Македонија, но сите знаеме дека не чекориме со посакуваното темпо, коешто го заслужуваме, чекоревме кога бевме во заедница во бивша Југославија, нашето место е внатре, интегрирани во современиот свет, во ЕУ и НАТО, сите знаеме дека токму ние ја носиме одлуката за иднината на нашата земја.

Сакам да ја искористам приликата да се обратам и во мое и во ваше име овде присутни, овде пред канцеларијата на Европската делегација, до сите неопределени или сеуште неодлучни граѓани во оваа наша земја, немојте да мислите дека има некоја резервна варијанта, немојте да мислите дека ова секако ќе го биде, не, демократија, народот мора да ја донесе оваа одлука. Јас направив се што можев, Владата донесе одлука, Парламентот донесе одлука, ветивме референдум, еве го референдумот, тоа е највисоката и врвна алатка за секоја демократија. Само преку референдум, само преку одлука на граѓаните ќе имаме обезбедена и осигурена иднина на нашата Македонија.  Алтернатива нема, се е бездна, се е кањон, се е пропаст, се останато е не вредно за размислување.

И затоа сите сме исправени пред сериозна одлука, за сериозни одлуки се презима акција, се гласа, се излегува, се одлучува, дома не се седи. Не се бараат било какви изговори затоа што се работи за иднината и на татковината, и на децата наши и на генерациите што доаѓаат после нас. Немој да мислите дека вака или онака некако ќе ја биде,  не, ќе ја биде само ако излеземе сите сплотени, здружени во братство и единство, единствени, за единствена европска Македонија.

Почитувани граѓани, ова е наша граѓанска и родителска одговорност.

Партиите не вредат овде, партиите немаат никаква функција овде, никакво влијание овде, партиите после 30-ти септември можат повторно да се борат меѓу себе, ова е за единствената наша партија, Република Македонија.
И ова е обврска и право на секој наш граѓанин, и не смееме ниту да помислиме, од било која причина, да бараме изговори, ова е наша одговорност пред нашата татковина, ова е наша одговорност од прв до последен пред Република Македонија, ова е наша и граѓанска и родителска одговорност пред нашите деца и нашите внуци, ова е наша одговорност за иднината на европска Македонија.

Затоа, почитувани родители, погледнете ги во очи Вашите деца, и ќе го препознаете повикот на иднината, повикот на европска Македонија.

Само седнете со нив, или гледајте ги од страна и ќе сфатите што нашите деца заслужуваат.

Заслужуваат перспектива, заслужуваат иднина.

Доста беше меѓупартиско измачување.

Сите мораме да ги разбистриме главите и да ја сфатиме одговорноста, нашите деца се наша одговорност, никој друг нема да ја обезбеди нивната иднина.

Ние родителите сме должни да ја обезбедиме нивната иднина.

Драги млади, оваа иднина останува на Вас. Оваа Македонија која што ни ја дале нашите татковци нам, и ја оставаме на Вас, младите луѓе, да ја чувате, но и да ја живеете. Затоа почитувани млади луѓе, немојте несериозно да ја сфатите работата, ова е повеќе од сериозно, ова е повеќе од секој поединец, од секој политичар, ова е повеќе од се’ на светот, ова е за Вашата иднина, ова е за Вашата, за нашата заедничка Македонија.

Младите се авангардата не Европа, ќе докажеме почитувани млади, дека младите се и авангардата и на европска Македонија.

Затоа почитувани граѓани, немојте да имате дилема, ниту има план Б ниту има план Ц, ниту има друга алтернатива, никој не нуди ништо.

Еве на 14 дена сме од гласање, тоа е нашата единствена алтернатива во Македонија.

Затоа да нема дилеми, во акција сите, излези и гласај за европска Македонија!

На 30-ти да се дотерате со најубавата облека, да ја ставите најубавата насмевка на Вашето лице, да го земете за едната рака Вашиот најмил или Вашата најмила, а во другата рака да ја фатите иднината, да излезете да гласате, да се вратите дома, и да ги гушнете своите деца, и да бидете горди оти сте донеле одлука, за Вашите деца, за нашата европска Македонија.

Ова е непропустлива шанса, исто така да ја искористам приликата и да ги повикам и оние што се уште немаат став, односно имаат страв.

Време е за став, време е за историска одлука.

Ќе бидам многу внимателен, бидејќи пресериозно е времето пред кое што сме исправени. Во сериозно време треба сериозни одлуки.

Затоа ќе кажам, почитуван пријателе Мицкоски, знаеш дека подобар договор ниту можело, ниту ќе може да се постигне, а заедно сите сме за Европската Унија и НАТО. Знаеш кога веќе не може подобар договор да се постигне, како, како поинаку Македонија ќе оди во ЕУ и НАТО, има ли друга алтернатива, ова единствена шанса која што сега ја имаме, зарем и од ова ќе правиме политички калкулации, зарем и за ова ќе се караме, зарем не слушаш дека народот ни вика, дајте за една работа заедно да застанеме. Те повикувам и тебе и сите членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, ова не е за Заев и Мицкоски, ова не  е за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ниту за било која партија во Македонија, ова е за нашата татковина – Република Македонија.

Ако ни биле лидерите претходно за ЕУ и НАТО, ако ние двајцата сме за НАТО и ЕУ, ајде заедно да застанеме и да одработиме за НАТО и ЕУ, ако не за НАТО и ЕУ да одработиме за Македонија, да одработиме, да твоите и моите, за нашите деца, да одработиме за генерациите кои доаѓаат после нас, ајде  заедно  за ова прашање да застанеме сите и да обезбедиме и осигуриме независна Република Македонија.

Почитувани граѓани 30-ти септември е ден на избор. Сите знаеме дека ќе дојде и 30-ти септември и ќе помине и прашање е како ние ќе се чувствуваме. Заради важноста на историскиот момент, неповторлив, заради честта на оваа генерација на која што и се падна да ја донесе оваа историска одлука, јас ве уверувам дека оваа шанса не смееме да ја пропуштиме.

На 1-ви октомври сакам сите кога ќе станеме и ќе се погледнеме во огледалото, да бидеме насмеани и со озарени лица, горди лица, чесни граѓани коишто осигуриле и обезбедиле иднина и за својата татковина ,но и  за своите деца и нашите поколенија.

Немојте да дозволите да ви горчи во градите, немојте да дозволиме да се објаснуваме дали сме имале толку капацитет или не. Немојте оваа шанса да ја пропуштиме, затоа што шансата ни е на дофат, толку малку фали да ја достигнеме историската шанса за нас и за нашите деца и за нашата Македонија.

Ве повикувам сите на 30-ти септември со кренати глави да ја зграпчиме шансата и да бидеме горди граѓани на европска Македонија.

Што и да правите тој ден на 30-ти септември почитувани граѓани, сериозно ќе влијае на иднината на вашите деца, на нашата земја Македонија, што и да правите, па вие одлучете.

Дилеми не смеете да имате, излезете да ја завериме нашата независност. Излезете затоа што зависи само од вас и од никој друг. Ставете белег, ставете ваша тула градејќи ја иднината на Македонија.

30 -ти септември е ден за избор, 30-ти септември е ден за акција, 30-ти септември не е ден за седење дома, 30-ти септември е ден за гордост, 30-ти септември е ден за среќа, 30-ти септември е ден за испишување историја, 30-ти септември е ден за европска Македонија.

Излези за европска Македонија!