19/04/2024
Писма/Колумни

Колумна: екс®Т(ЕР)ремНО

Помина денот Д и следните три дена екстерно тестирање, после многуте турбуленции и превирања, како по печатените така и по електронските медиуми. Голем број забелешки од страна на родителите и просветните работници, а од другата страна објаснувања и смирувања на состојбите дека тестовите се всушност чиста рутина и нема да се некој поголем проблем за учениците. Но дали е навистина така?

Всушност на текстов ме наведе мојата 5 годишна ќеркичка со прашањето што е тоа екстерно тестирање. И велам како да ти објаснам кога ни мене не ми е најјасно. Дел од тестовите слушам биле на српски јазик, во некои даден одговор наместо прашање, во трети недоволно читлив текст, па трик задачи мислиш си на некоја математичка олимпијада, исти или слични тестови по некој предмет за 4 и 5-то одд., па недоволна техничка исправност на опремата и ред други недоследности и недоречености. Читам по мреживе поплаки од типот ученикот цела година не направил повеќе од 2, но затоа на екстерното се заумил, „научил“ и успеал да направи 5. Да добро прочитавте, оцена 5 и сега нормално тука мора да се исконтролира учителот од каде толкав дисбаланс со екстерната оцена. Би сакал да го прашам за ова господинот министер Кралев но ќе бидам културен и нема да му ја влошувам и онака тешката домашна состојба поради што мораше да се повлече, а и не дај боже да не тангирам уште некој круг (влијателен и значаен) па и тој да мора да се повлече, а мене цел живот да ме гризе совест поради тоа. Сега и за обратната ситуација ако ученик што цела година прави тестови со 5, од оправдани причини има температура, трема, психолошка вознемиреност и сл. (дури и ги сонува екстерните тестови) сега направи 4, па оцената ќе мора да стои на свидетелството за целиот живот и да сведочи за нечија успешност во некакви реформи. Да појаснам, реформи да, но не по секоја цена и на ваков начин, за да не ја осакатиме нашата иднина, нашето потомство.

Што правиме со оние кои на никаков начин не би требало да завршат ни основно училиште, за средно не станува ни збор, а факултет е научна фантастика бидејќи се НЕПИСМЕНИ, „уредно“ завршиле основно и средно, а за факултетска диплома потрошиле некоја илјадарка (во евра) и сега гордо шетаат во својата скапа облека, автомобили, сопственици на ресторани, кафетерии, хотели, т.н. фабричиња и сл. засенувајќи и потсмевајќи и се на вистинската интелигенција и вредност во оваа држава која мака мачи за да преживее. Е кога оваа состојба ќе успееме да ја надминеме, тогаш ќе почне да ни цветаат рози, а младите кадри нема да се одлеваат надвор, да заминуваат и никогаш да не посакаат да се вратат дома.

Затоа плукни и запеј моја МАКЕДОНИЈО, липите цветаат (За Есма) се е исто како лани, ти ме изневери, паѓаат ѕвезди, ноќта е како лубеница, полна месечина, уште малку па лето е, а надвор кочан зима, а јас и натаму се прашувам што ли не чека, каква ли е оваа микро клима!?

П.С. Со господ напред и со среќа на сите основци и средношколци во деновиве што им претстојат!!!

Читател на WebOhrid

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.