28/03/2024
Македонија

Комитет за земјоделство и безбедност на храна: Создаваме услови за профитабилно земјоделско производство

Денеска во Владата на Република Македонија се одржа првата конститутивната седница на Комитетот за земјоделство и безбедност на храна, со кој претседаваше претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев. Во Комитетот членува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, посебната советничка на за земјоделство на ПВРМ, Ленче Николовска, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министрите за финансии, животна средина, здравство, директори на надлежни институции.

Премиерот Заев посочи дека земјоделците, сточарите и агробизнисмените најдобро знаат што е она што владата треба да го преземе за да се овозможи рентабилно земјоделство и затоа низ работата на овој комитет ќе се носат заеднички одлуки во интерес на земјоделците.

Министерот Љупчо Николовски информираше за останатите точки и теми што ќе бидат разгледани на наредните седници на Комитетот за земјоделство и безбедност на храна.

„Со цел безбедни и квалитетни земјоделски производи, преку новиот Закон за производи за заштита на растенија, ќе се воспостави контролирана употреба на заштитните средства, преку воспоставување на интегрирана заштита, што подразбира помала употреба на пестициди, а зголемена употреба на агротехнички мерки. Така, ќе се заокружи целосниот процес од увоз до краен потрошувач, вклучувајќи ги и земјоделците. Здравјето на граѓаните е наш врвен приоритет“, порача министерот Николовски.

Во однос на приближување на поквалитетни услуги поблиску до земјоделците, министерот Николовски рече дека преку процесот на децентрализација министерството што тој го предводи ги разгледува можностите да предаде дел од надлежностите на локалната власт.

„Општините би предлагале слободни површини за давање под закуп и би ги ставале во владение на корисниците. Исто така, со ваквата идеја за децентрализација, би се отворила можност земјоделците да поднесуваат барања за субвенции во секоја општина, наместо во Подрачните единици. Сите рурални општини би имале испостави во селата, за секој земјоделец да може да си го поднесе барањето во своето место на живеење“, истакна министерот Николовски.

Министерот Николовски информираше дека и осигурувањето на земјоделското земјиште е еден од приоритетите на кој се работи преку краткорочна и долгорочна стратегија.

Во однос на моделот на исплата на субвенциите министерот Николовски информираше дека во тек е изработка на анализа на влијанието на субвенциите на вкупното земјоделско производство и врз основа на добиените резултати ќе се градат идните политики на распределба на субвенциите.

„Владата и Министерството за шумарство и водостопанство се насочени да биде завршен процесот на земјишна политика и доделување на земјоделска земја на тие на коишто им е најпотребна. Денес од тука најавувам дека ќе имаме специјален и посебен оглас согласно законот што ни дозволува, да биде оглас наменет за сточарите заради тоа што еден од клучните проблеми е тоа што немаат земја“, соопшти минситерот Николовски.

Министерот Николовски информираше дека при спроведените контроли констатирано е дека 15.000 хектари се слободна површина на земјоделска земја за што рече дека во следниот период со Државниот земјоделски инспекторат ќе се направат дополнителни контроли за да утврдат можните злоупотреби направени со оваа земја за којашто оцени дека била узурпирана.

Претставникот на земјоделците и Претседател на здружението на одгледувачи на овци од Западниот регион, Меџит Амити, во својата изјава посочи дека изминативе години сточарството како гранка беше доста запоставено и Република Македонија од лидер во овчарството со сточен фонд од 2.000.000 грла падна на 300.000 грла.

Во таа насока тој побара поддршка од Владата да работи на подобрување на условите за развој на овчарството и воедно посочи дека со мерките што ги презема Владата оваа година постигната е повисока цена за откуп на јагнешкото месо.

Во одговори на новинарски прашања министерот рече дека од оваа година се зголемени субвенциите за предадено овчо млеко за килограм од 3.5 денари на 4 денари, дека се воведува систем по квалитет за субвенции за тутунот и млекопроизводството со цел да се стимулира зголемување на производството.

Премиерот Заев надополни дека како помош за земјоделците владата ја воведе и зелената нафта, со цел да останат повеќе пари кај земјоделците. Како што рече тој,преку создавање на услови за профитабилност на оваа гранка луѓето ќе се мотивираат да работат земјоделство.