28/03/2024
Македонија

Концерт на Исмаил Лумановски со „Класик трио“ во Битола

Центарот за култура-Битола и редакцијата на „Битолски весник“ вечер во Битола организираат целовечерен концерт на „Класик трио“ со кларинетистите Исмаил Лумановски и Игор Бакревски и пијанистката Марија Вршкова …
 
Битолчанецот Исмаил Лумановски, познато музичко име на домашната и светската јавност, во родниот град ќе настапи по солистичкиот концерт што го одржа во САД, а веднаш по престојот во Битола концерти ќе одржи во Италија и Литванија.
„’Класик трио’  неодамна настапија во Турција, каде што во Истанбул приредија концерт за паметење, за кој сѐ уште се зборува во тамошната музичка јавност. 
„‘Класик трио’, односно Лумановски, Бакревски и Вршкова, се истакнати музичари од Битола кои приредиле бројни концерти низ светот, често се наградувани, а дел од авторскиот репертоар е снимен на ЦД“, истакна директорот на Центарот за култура-Битола, Зоран Димовски, најавувајќи го вечерашниот концерт.
 
Музичарите од „Класик трио“ ќе исполнат композиции за кларинет – дела од Феликс Менделсон, Кохет, Бела Барток, Анте Гргин и Боки Милошевиќ.
 На традиционалната манифестација „Најуспешни битолчани“, редакцијата на „Битолски весник“ ќе му ја додели наградата „Ајри Демировски“ на Исмаил Лумановски за врвни музички остварувања во државата и странство.