18/04/2024
Охрид

Концерт за саксофони на „Охридско лето“

Фестивалската програма на 59-тото „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на Бенсман Саксофон Квартетот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Ќе настапат Детлеф Бенсман- сопран саксофон, Тианхонг Ву- алт саксофон, Лиу Паи- тенор саксофон и Нинослав Димов- баритон саксофон.

Бенсман Саксофон Квартетот дебитира на концертниот подиум во 2006-та година со премиерна изведба на Брехтовата „Badener Lehrstuck” за хор, солисти, саксофон квартет, пијано и перкусии од Карлос Фаринас и Итај Двори, по што следи продукција за Германското радио. По успешната премиера како на делото, така и на ансамблот, произлегува и идејата на Детлеф Бенсман да ја заврши својата кариера во Берлинскиот квартет саксофони во кој како примариус успешно работел повеќе од 20 години, и да се посвети на неговата кариера како солист, диригент, композитор, и наедно на развивањето на овој „млад“ квартет во кој членуваат исклучиво уметници кои студирале кај самиот Бенсман.

Во периодот од 2007 година, па сe’ до денес, може да се вбројат низа успешни концерти и настапи квартетот на врвни музички фестивали како низ Германија, така и во цела Европа, и три концертни турнеи во Соединетите американски држави и во Кина.