Конференција на Националните координатори за борба против трговијата со луѓе на земјите од југоисточна Европа

„Сите ние сме свесни дека трговијата со луѓе во глобални рамки се повеќе добива нови форми на експлотација, различни од оние кои се втемелени во нашата свест и со кои главно сите ние ја поврзуваме трговијата со луѓе. Меѓутоа, сексуалната експлоатација, од многу примери посочени во голем број извештаи на релевантните фактори во оваа област, односно од Извештајот на УНОДЦ, Извештајот на Амбасадорот на ОБСЕ и Извештајот на Стејт Департментот на САД покажуваат дека сексуалната експлоатација, како во Република Македонија, така и на глобално ниво, се уште го држи приматот меѓу формите на експлоатација поврзани со трговијата со луѓе“.

Ова, меѓу другото, го истакна државниот секретар при МВР, Магдалена Несторовска, во своето денешно обраќање на почетокот од конференцијата на Националните координатори за борба против трговијата со луѓе на земјите од југоисточна Европа што во наредниве три дена ќе се одржува во Скопје.

Несторовска, којашто, воедно е и Национален координатор за борба против трговијата со луѓе, посочувајќи дека прашањето на трговија со луѓе ги допира основните вредности на човековото живеење, нагласи дека Република Македонија има широка правна рамка за борба против трговијата со луѓе, која е засилена и хармонизирана со европското законодавство и со меѓународното право и стандарди.

Во последниве пет години (2013 – 2017) идентификувани се 33 жртви на трговија со луѓе, од кои 22 се деца. Поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, пред се жени и деца. Ова говори дека трговијата со луѓе секогаш е високо на агендата на надлежните институции во Република Македонија. Она што можеби е најважно е воспоставувањето на унифициран и координиран пристап при управувањето со процесите“ потенцираше Несторовска притоа, истакнувајќи дека сето тоа е возможно со градење доверба и споделување информации како во рамки на билатералната така и во рамки на мултилатералната соработка.

Инаку предвидено е конференцијата, на која што учествуваат и експерти од повеќе меѓународни институции од областа на трговијата со луѓе во овие три дена да биде поделена на четири работни сесии фокусирани на темите: трговија мотивирана од сексуалната експлоатација, нови модели на политики, односно концепти за нагласување и детектирање на трговијата мотивирана од сексуалната експлоатација, потоа за заштита на жртвите, и посебен тематски дел околу соработката во борбата против овој облик на трговија со луѓе.