28/03/2024
Македонија

Конференција на СЕММ со советите за етика од регионот на Балканот и Турција

„Самоодржливоста на советите за етика – мит или реалност за балканскиот регион и Турција” е тема на денешната регионална конференција што Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја организира во Скопје, во присуство на учесници од советите за етика во соседните држави.

„И покрај тоа што важноста на советите за етика и саморегулацијата е општопризната, опстанокот на овие саморегулативни тела, кои имаат исклучително значајна улога во заштитата на слободата на изразување, е доведен во прашање. Иако повеќето совети за етика во Европа се целосно финансирани од медиумската индустрија и медиумите, незавидната ситуација во која што се наоѓаат медиумите во нашата држава го прави овој модел речиси невозможен“, истакна Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.

Од друга страна, според извршната директорка на Советот за етика во медиумите во Србија, Гордана Новаковиќ, во случаите кога советите за етика се финансираат од државата се креираат механизми за заштита од мешањето на државата во процесот на медиумска саморегулација, како што е создавањето независен фонд за поддршка.

Учесниците на денешната конференција донесоа заедничка Декларација, чиј текст следува во продолжение:

Поаѓајќи од општоутврдениот и признат факт од УНЕСКО, од Советот на Европа и од Европската унија како и од институциите и организациите во земјите каде што делуваме, дека советите за етика во медиумите и саморегулацијата испорачуваат јавно добро кое се состои од:

-подигнување на јавната доверба во медиумите

– подигнување на професионалните стандарди во новинарството и, генерално, развој на доброто новинарство

– борбата против дезинформациите и лажните вести- намалување на бројот на тужби пред граѓанските или кривичните судови за клевета и навреда и

– ширење на медиумската писменост.

Ние, медиумските етички совети од регионот (Албанија, БиХ, Косово, Република Северна Македонија, Србија и Турција), го упатуваме следниов АПЕЛ до владите и домашната и меѓународната донаторска заедница:

Да помогнат во обезбедување стабилна финансиска поддршка за институционално и програмско опстојување на нашите професионални организации
Да помогнат во афирмација на мисијата и целите на советите за етика во медиумите, како фактор кој силно придонесува во заштитата на слободата на изразување и правото на јавноста на точни информации, со што де факто се поткрепува демократијата во нашите земји и во регионот во целина.

Овој апел не го исклучува евентуалното самофинансирање на нашите организации, преку механизмот на членарина од страна на медиумите и медиумската индустрија. Но, имајќи ја предвид севкупната состојба во која се наоѓаат и медиумите и индустријата, апелираме на поголема поддршка и свесност за потребите од постоење на нашите организации.

Во таа насока, апелираме да се разгледа идејата за воспоставување независен фонд за поддршка на советите за етика, како тела кои кои имаат голема улога во заштита на слободата на изразување и медиумските слободи и права, што се меѓу главните предуслови за евроинтеграција на нашите држави.