28/03/2024
Охрид

Креативен занес и романтично расположение на „Охридско лето“

Прекрасна вечер исполнета со сонати за виолина и пијано имаа љубителите на уметноста синоќа во црквата „Света Софија“ каде во рамки на програмата на фестивалот „Охридско лето“ настапија германскиот виолинист Руденс Турку и германско-украинската пијанистка Милана Чернјавска.

На подиумот во катедралата се чувствуваше големиот креативен занес и романтично расположение на суптилните уметници. Атрактивните дела беа исполнети под силни импресии. Ова дуо вели дека не само делата, туку инспиративен беше и амбиентот во кој настапија.

-Пред се’ се радувам што првпат настапувам на фестивалот „Охридско лето“ заедно со пијанистката и моја партнерка, Милана Чернјавска. Свиревме во прекрасна црква. Публиката имаше можност да ужива во различен репертоар почнувајќи од Соната за пијано бр. 8, оп. 13 од Бетовен, преку Соната за виолина и пијано од Едвард Григ, до Сонатата за виолина и пијано од Антонин Дворжак, вели виолинистот Турку.

Милана Чернјавска се претстави пред публиката на „Охридско лето“ пред две години кога настапи заедно со македонскиот виолинист Џафер Џафери.-Вторпат сум на фестивалот „Охридско лето“.Фестивалот е одличен, атмосферата е магична, а публиката е секогаш топла, вели пијанистката.

Германската пијанистка со украинско потекло Милана Чернјавска е еден од најзначајните пијанисти на денешнинава. Со своите извонредни изведувачки способности постојано ги воодушевува слушателите насекаде во светот. Покрај солистичката дејност, Чернјавска често настапува и како камерен музичар, соработувајќи со извонредни музичари.

Германскиот виолинист Руденс Турку своето деби го доживува во Америка, по што неговата концертна дејност зема замав и тој се појавува во најголемите концертни сали во светот и на најпрестижните музички фестивали во Германија. На овие настапи Турку се прославува како солист и камерен музичар.