19/04/2024
Охрид

Кривична пријава за лажно претставување и фалсификување исправа

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство во  Прилеп поднесе кривична пријава против Т. Д (46) од с. Велгошти – Охрид , вработен во КОМПОЗИТНА ОПРЕМА ДООЕЛ Прилеп, заради постоење на основи на сомневање за сторени кривични дела ,,Лажно претставување“ и ,,Фалсификување исправа“ .

Пријавениот со намера за себе и за друг да прибави противправна имотна корист, лажно прикажал односно се претставил дека е управител на фирмата и во такво лажно својство склучил два писмени договори со фирмата РОЈАЛ ЛОГОСТИК ИНТЕРНАЦИОНАЛ ДООЕЛ Скопје, каде предмет на договор била купопродажба на 1300 транспортни торби и 630 конфекциски елеци со додатоци, за што е овластен само управителот, со што прибавил за себе, а на штета на фирмата, сума од 7.833.375,00денари, a дополнително ќе се утврди штета за вториот договор.

Лицето И.С поранешен управител на фирмата Композитна Опрема ДООЕЛ Прилеп до 31.10.2017, на ден 31.10.2017 поднесол неотповиклива оставка која на ден 05.12.2017 била внесена и спроведена во Централен Регистер на РМ со Решение ,а  притоа доставил писмено барање со кое бара стечајниот управник да донесе одлука за промена на управител на фирмата и да го именува пријавениот Т.Д за управител.

И.С исто така на ден 06.09.2017 во својство на управител на фирмата донесол Одлука со која го овластил пријавениот, да ги презема сите активности во име и за сметка на фирмата за период од 11.09.2017 – 13.10.2017, и во таа одлука било предвидено И.С да ги врати печатот и штембилот од Друштвото и истите да ги задолжи пријавениот. И покрај барањето, Управител на фирмата бил назнечен дури на 03.05.2018 година.

Kонстатирано e дека истиот во својство на Управител на фирмата Ројал Логистик Интернационал ДООЕЛ Скопје никогаш не склучил купопродажни договори со Композитна Опрема Прилеп. Во моментот на склучување на договорите т.е на 01.12.2017 и 20.12.2017г. сопственик и управител на споменатата фирма било лицето В.Д – син на пријавениот, што укажува на сомнение дека се работи за фалсификуван потпис односно за изработка на исправа со невистинита содржина. Меѓу останатото, фирмата Ројал Логистик Интернационал Скопје не е регистрирана за производствена дејност, туку приоритетна дејност и е трговија на големо со делови и прибор за моторни возила и поправка на останата опрема т.е наместо да ги изработи, фирмата извршила набавка од трговската мрежа (увоз од странство преку царински склад), а не ги изработила преметите на договорот. Исто така, вредноста на увезените предмети по договорите пријавениот повеќекратно во зголемен износ ја фактурирал на сметка на фирмата во која е вработен, а за која лажно се претставувал дека е управител, со што се стекнал со противправна имотна корист, а на штета на Композитна Опрема ДООЕЛ Прилеп. Причинетата штета се однесува и на фактот што фирмата Композитна Опрема ДООЕЛ Прилеп е овластен увозник и нема никаква потреба од набавки преку вакви фирми како посредници.