18/04/2024
Регион/Свет

Леуварден и Валета – Европски културни престолнини

Европската комисија секоја година, почнувајќи од 1985, одредува почесен домаќин на проектот „Европска престолнина на културата“ со цел да се промовира чувството на заедништво во Европската Унија. Така, холандскиот град Леуварден и главниот град на Малта – Валета ја добија титулата европски престолнини на културата за 2018 година.

Леуварден е административен центар на покраината Фризија во северна Холандија, единствена со свој јазик – западнофризиски. Градот за крајот на месецов најави почеток на промоцијата на отворено општество со низа настани на плоштадите преку танц, театар и музика. Овој град е познат по Гертруд Маргарет Зеле, односно популарната Мата Хари, која била родена токму тука во 1876 година. По повод 100 години од смртта на оваа холандската танчарка, куртизана и шпионка од Првата светска војна, Музејот на Фризија на 15 октомври отворил изложба под наслов „Мата Хари – жената и митот“.

Што се однесува на градот Валета, организаторите месецов ќе ја започнат културната програма со свеченост достојна на традиционалната „Maltese Festa“. Меѓу најавените настани е и музичкиот интернационален барокен фестивал од 13 до 27 јануари на барокни и историски локации во градот. Главниот град на Малта е сочуван во старите ѕидини и има во потполост сочуван дух од минатите времиња, поради што од 1980 година е ставен на списокот на светска заштита на УНЕСКО.

Инаку, минатата година културни престолнини на Стариот континент беа данскиот Архус и кипарскиот Пафос, додека идната година таа чест ќе ја имаат италијанскиот град Матера и бугарски Пловдив.