Личната архива – прилог во заоставнината на Киро Глигоров

На промоцијата на делото „За и од Киро Глигоров“, во Куќата на Уранија – МАНУ, воОхрид, на почитуваниот сограѓанин Ахил Тунте, првиот и со најдолг стаж – советник, на првиот претседател на независна и суверена Република Македонија, Киро Глигоров, му ја предадов целокупната лична архива, поврзана со делувањето на Глигоров, собирана од 1975 година наваму – како известувач за македонски, тогашни – југословенски (ТАНЈУГ) и светски медиуми, како негов личен и семеен пријател, а по осамостојувањето на земјата – како пратеник и владин функционер.

Станува збор, за мноштво документи – новински извештаи за дневниот весник “Вечер”, поврзани со Глигоров – од 1995 до 1980, потоа фотографии и тонски снимки од гостувања на Глигоров на “Радио Охрид” и весникот “Езерски Глас” – до 1985, извештаи за тогашната југословенска новинска агенција Танјуг и печатени медиуми.

Тука се и документи за гостувања на Киро Глигоров во “Радио супер”, кое, практично, го отворив, со разговор со Глигоров, додека за одбележувањето на првата 5. годишнина, ми испрати подолга телеграма-роденденска честитка.

Тука се и тонски снимки и фотографии за промоцијата на книгата на Глигоров “Македонијa е се што имаме”, која ја организирав во Охрид, фотографии и колор негативи за официјалната посета на претседателот Глигоров на Бугарија, Хрватска и Романија, потоа фотографии и негативи од официјалните посети на германскиот и двајцата турски претседатели на Македонија – Демирел и Тургут Озал (Скопје – Охрид), како и фотографии и документи од лична природа.