29/03/2024
Македонија

Лоши навики и погрешни одлуки кои го прават зимското возење опасно и небезбедно

Во поголемиот дел од земјава, сообраќајот се одвива по релативно суви и чисти коловози, но добро е да потсетиме како возачите треба да управуваат со своите возила во зима и со советите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата да си го олеснат патувањето, да ги отстранат лошите навики и да бидат безбедни учесници во сообраќајот.

Не импровизирајте со гумите

Голем број возачи ја избегнуваат обврската за користење зимски гуми на сите четири тркала и праваат импровизации со тоа што користат зимски гуми само на погонските тркала од автомобилот. Ваквата постапка, не само што е спротивна на законските одредби туку е и многу небезбедна и опасна. Комбинацијата од зимски и летни гуми го прави процесот на запирање на возилото неправилен и го искривува сопирачкиот пат на возилото, а тоа во пракса значи пролизгување на возилото надвор од коловозот или преминување на дел од возилото во спротивната коловозна лента. Крајниот исход е сообраќајна незгода за која вие како возач носите одговорност.

Не верувајте слепо на напредните технологии

Напредните технологии кои се вградени кај поновите автомобили често пати се извор на лажна сигурност. На пример: никој не може да ги оспори автоматските системи против пролизгување кои се вградени во сите понови автомобили, но како возач важно е да знаете дека ефектите од функционирањето на овие системи соодветно дооаѓаат до израз при брзина на движење не поголема од 90 km/h и во ситуација кога користите зимски гуми на сите четири тркала.

Полесниот начин не е и побезбеден

Голем број од возачите, особено оние кои управуваат понови автомобили, со цел олеснување и поедноставување на процесот на управување со возилото, се стекнуваат со навика да користат уреди за автоматска контола на брзината или таканаречени „темпомати“. Користењето на „темпоматот“ во зимски услови на патиштата е крајно опасно и небезбедно. Имено, доколку возилото навлезе во подлабок снег, тркалата на возилото ќе продолжат брзо да се вртат, со тенденција на задржување на константната брзината на движење на возилото, а ако дојде до таква ситуација тогаш веројатноста да дојде до губење на контролата над возилото и до негово пролизгување е многу голема.

Проверувајте го притисокот на гумите

Во зима возачите немаат навика да го проверуваат притисокот на гумите. Затоа, РСБСП ве потсетува дека ниските температури доведуваат до опаѓање на притисокот во гумите, а тоа прави управувањето со возилото и неговото движење да биде бавно и тешко. РСБСП апелира до возачите: проверувајте го притисокот на гумите и редовно чистете го просторот околу тркалата, особено ако сте патувале на пат каде има остатоци од влажен снег.

Внимавајте на мразот

Многу возила сега се опремени со надворешни термометри кои го информираат возачот за можност да се формира мраз на патот. На овој начин всушноост возачите можат да се информираат за условите на патот кои ги очекуваат или кои би можеле да доведат до формирање мраз на патот. Возачите треба да знаат дека први замрзнуваат мостовите пред да замрзнат патиштата. Мраз ќе се формира и на гумите од возилото по возење на пат покриен со снег. Ако површината на патот сјае или има сатенски изглед, тоа би можело да е мраз, најчесто ваквите делови од патот се подмрзнати. Ако не летаат снежни прашинки од предните гуми на возилото, тогаш може да се очекува мраз или подмрзнати површини.

РСБСП апелира до возачите секогаш да го планираат своето патување, да ја проверуваат техничката исправноста на возилото, да ги следат временските прогнози, да ја проверуваат рутата на движење и да ја проверуваат состојбата на патиштата пред да го започнат своето патување.

Има многу начини на кои можат да се дознаат информации за состојбата на патиштата пред да седнете зад воланот. Возачите треба прво да ја проверат временската прогноза, на локалните радио станици или на Интернет и да добијат сознанија за последните временски предупредувања и за условите на патот. Ова ќе ви даде корисни информации какво време ве очекува и што да очекувате или во некои полоши случаи ќе ви даде можност за план Б, односно за промена на рутата по која сте планирале да се движите.

Возете внимателно и безбедно и секогаш имајте на ум дека ако вие умеете да возите во отежнати зимски услови, магла, снег и мраз, некој друг можеби не може!

За оние кои патуваат во планина или на осамени и далечни дестинации, РСБСП советува да имаат навика да ги известуваат своите блиски за дестинацијата која сте ја одбрале, времето на поаѓање и планираното време на пристигнување.

Овој едукативен текст е во рамките на Зимската кампања која што РСБСП ја реализира со поддршка од МотоЦентар – Прв избор за гуми. РСБСП во партнерство со Мотоцентар им посакуваат безбедни патувања на сите учесници во сообраќајот.

Зимата не дава шанса за избор. Опреми се!